Посетата на Шолет на земјите од Западен Балкан беше најавена за декември минатата година, но тој ја откажа својата турнеја во последен момент поради позитивен тест на ковид
Од 11 до 13 јануари, советникот на Стејт департментот Дерек Шолет ќе биде во посета на Северна Македонија, Косово и Србија. Целта на посетата, како што објави Стејт департментот, е да ја нагласи трајната посветеност на САД за мир, стабилност и просперитет на Западен Балкан.
Шолет на 11 јануари ќе престојува во Скопје, а предвидено е да се сретне со владини претставници и да разговара за повеќе прашања, меѓу кои енергетиката, економијата и борбата против корупцијата.
По посетата на Скопје, американскиот советник заминува за Приштина на средби со владини претставници, политички лидери и претставници на граѓанското општество. Во фокусот на разговорите ќе бидат напорите на САД да помогнат во унапредувањето на косовската и евроатлантската интеграција, вклучително и преку дијалогот олеснет од ЕУ за да се постигне сеопфатен договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, фокусирани на меѓусебното признавање.
Од Приштина, Шолет на 12 јануари ќе продолжи в Белград каде со раководството на српската влада ќе разговара за енергетската безбедност, регионалната економска интеграција и напредокот кон целта на Србија за пристап во ЕУ. Тој, исто така, ќе разговара за улогата на Србија во зајакнувањето на регионалниот мир и безбедност и нејзиниот континуиран ангажман во Дијалогот олеснет од ЕУ за нормализирање на односите со Косово.
Посетата на Шолет на земјите од Западен Балкан беше најавена за декември минатата година, но тој ја откажа својата турнеја во последен момент поради позитивен тест на ковид.