Во интерес на транспарентното работење, евентуалните идни активности од комуникациски аспект ќе бидат правени во координација со новинарските здруженија и другите претставници на граѓанскиот сектор, велат од МНР

Министерството за надворешни работи денеска преку соопштение информира дека ќе ја прекине медиумската кампања за претседателството со ОБСЕ.
„Без разлика на законските можности, по сугестијата што денес дојде од ЗНМ, Министерството за надворешни работи ќе ја прекине предвидената еднонеделна кампања преку користење веб-банери. Во интерес на транспарентното работење, евентуалните идни активности од комуникациски аспект ќе бидат правени во координација со новинарските здруженија и другите претставници на граѓанскиот сектор“,
нагласуваат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во рамките на првите денови од преземање на претседателството, привремено се поставени веб-банери, кои се од информативно-едукативен карактер и преку нив на ниеден начин не се промовира ниту Министерството ниту неговата работа. Овој потег, додаваат од МНР, не е во спротивност на активните законски практики и членот 102 од Законот за АВМУ за пласирање средства кај радиодифузерите.
Според МНР, претседавањето со ОБСЕ претставува најголемиот надворешно-политички проект со кој Република Северна Македонија ќе се претстави во меѓународната јавност, но и проект кој има значење и влијание и за севкупниот внатрешнополитички развој на земјата.
„Ангажирање агенција за време на претседателството со ОБСЕ претставува редовна работа за секој претседавач со организацијата и активностите кои се предвидени не се за пи-ар туку за организиран пристап кон предизвиците за стратегиско комуницирање на земјата како земја претседавач со најголемата регионална безбедносна организација. Покрај стратегиското комуницирање, ангажирањето на агенцијата во најголем дел се однесува за поддршка на Министерскиот совет, комплексен проект кој предвидува организирано присуство и активности на над 70 делегации од целиот свет, кои се очекува да бидат предводени на највисоко дипломатско ниво, на ниво на Министри за надворешни работи“,
се наведува во соопштението од МНР.
Денеска Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагираше на постапката на Министерството за надворешни работи, кое преку претходно спроведена јавна набавка инвестира средства на граѓаните за кампањи во приватни медиуми за промоција на претседавањето со ОБСЕ.
Како што посочуваат од ЗНМ, според јавно достапните информации, МНР ќе потроши околу 100 000 евра за промотивни активности поврзани со претседавањето со ОБСЕ, за што е склучен и договор со приватна маркетинг-компанија.
Од ЗНМ потсетија дека ваквата постапка од страна на МНР директно е во спротивност со претходна владина одлука од 22 август 2017 година со која практично се става мораториум на владините реклами во приватните медиуми.
„Оваа одлука, која ја надополнува активната законската забрана за владини кампањи, им укажува на сите органи на државната управа како и на единиците на локалната самоуправа да престанат да се рекламираат во комерцијални телевизии и радија, дневни и неделни весници, билборди, интернет портали. Оваа пракса на скап и селективен начин на откупување на медиумски простор преку владини кампањи не може да се смета како поддршка на медиумите, туку како обид за нивно корумпирање и истовремено за промоција на политичка пропаганда на штета на јавниот интерес“,
се наведува во реакцијата од ЗНМ.
По нив, денеска и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) испратија реакција за одлуката на Министерството за надворешни работи да потроши 100 000 евра за кампањи со цел промовирање на претседавањето со ОБСЕ.
Во соопштението од АВМУ наведуваат дека оваа одлука на МНР е спротивна на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и потенцираат дека тоа е во спротивност со член 102 од Законот во кој се посочува дека дека е забрането користењето буџетски средства за рекламирање во медиумите.
„За вакви и слични настани кои се од голема важност за државата, граѓаните не само што имаат право, туку и треба да бидат информирани, но на други начини, а не преку трошење на буџетски средства“,
велат од АВМУ.
Користењето средства на даночните обврзници за рекламирање на власта преку комерцијалните радиодифузери, нагласуваат од АВМУ, може да предизвика нарушување на независноста и на уредувачката самостојност и истовремено може да создаде клиентелистички однос на медиумите кон власта.