Телефоните му овозможија на непријателот да ги лоцира и утврди координатите на локацијата на воениот персонал што беше нападнат, соопшти руската војска
Новогодишниот ракетен напад во кој загинаа 89 руски војници се случил затоа што руските војници користеле мобилни телефони и преку нив им била откриена локацијата, смета Русија.
Нападот се случи кратко по полноќ на 1 јануари, кога украинските сили нападнаа центар за регрутација во Макиевка, во окупираната област Донецк.
Иако бројот на мртви не е потврден, сепак, станува збор за напад во кој има најголем број загинати што руската страна го признала од почетокот на војната.
Украина од своја страна, пак, тврди дека убила многу повеќе војници – 400 загинати, а уште 300 ранети.
Од руската војска, пренесува Би-би-си, соопштија дека меѓу загинатите е еден потполковник и оти се истражуваат околностите околу нападот. Но, како што велат, веќе е очигледно дека главната причина е „масовната употреба“ на мобилни телефони од страна на војниците, иако тие биле забранети.
„Овој фактор му овозможи на непријателот да ги лоцира и да ги утврди координатите на локацијата на воениот персонал што беше нападнат“,
велат од руската страна.
Оттаму порачуваат и дека преземаат чекори за да спречат слични настани во иднина, како и дека оние што ќе бидат прогласени за виновни ќе ги изведат пред лицето на правдата.
Првично, Русија призна дека има 63 загинати, по што ја коригираше бројката на 89 иако, наведува Би-би-си, не постои начин независно да се потврди бројот на мртви.
Фото: EPA-EFE/YURI KOCHETKOV