Според платформата „Ај-кју ер“, во Скопје индексот на загаденост денеска е 136

Од денеска во Битола и Тетово престануваат да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање откако изминатите два дена овие градови имаа висок степен на загаденост.
„Согласно податоците од Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух на 2 јануари 2023, среднодневните концентрации на ПМ 10 суспендираните честички во Битола и Тетово се под дефинираниот праг на алармирање од 150 микрограми на кубен метар и е прекината епизодата од два последователни дена“,
соопштуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во Скопје овие денови ситуацијата со загадувањето не е алармантна. Иако има магла, сепак, според платформата „Ај-кју ер“, во Скопје индексот на загаденост денеска е 136. Во Скопје се измерени 49,7 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички, а ПМ 10 честичките се со концентрација од 57,9 микрограми на кубен метар.
Скопје во моментов е на 21. позиција според листата на загадени градови во светот. За разлика од минатите денови, според „Ај-кју ер“, воздухот во Скопје во моментов е несоодветен за чувствителни групи на граѓани.
На крајот на минатиот месец Министерството за животна средина и просторно планирање издаде препораки до граѓаните дека повторно може да има зголемени концентрации на ПМ 10 честички во воздухот.
Препораките што ги издадоа од МЖСПП до граѓаните да не се користат возила без поголема потреба; повеќе лица да се возат со едно возило во исто време; да се користи јавниот превоз; да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ-амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал; правилно да се користат печките за дрва.