Во италијанската болница „Олио По“ во Кремона, еден од најтешко погодените градови во Ломбардија, 25 од 90 лекари се заразени со новиот коронавирус, што дополнително го зголемува притисок врз здравствениот систем кој веќе е преоптоварен од пандемијата.
Шефицата на болницата Даниела Ферари, исто така, соопшти дека уште петмина други вработени се заразени и најверојатно придонеле за ширење на вирусот додека не откриле дека се заразени. Дополнителна причина за влошување на состојбата е дека пред еден месец, кога беше откриена заразата, немале ниту доволно маски и ракавици.
„Нашите сили се при крај. Немаме доволно ресурси и особено персонал затоа што, меѓу другото, и персоналот сега почнува да се разболува“,
вели лекарот Романо Паолучи, кој се вратил од пензија за да ѝ помогне на болницата.
Во Ломбардија, регион со најмногу заразени и починати, најмалку две болници станаа жаришта на инфекција. Пациентите го заразиле медицинскиот персонал, кој потоа го ширел вирусот со пренос во нивните заедници, пред да се воведе строг карантин.
„Тоа е еден фактор што придонесе за такво брзо ширење на вирусот. Пациентите заразија други пациенти и лекари кои потоа излегоа и ги заразија другите“,
смета Џузепе Ремузи, директор на Институтот за фармаколошки истражувања Марио Негри.
Според Националниот институт за здравство, на национално ниво, 4 268 здравствени работници или 0,4 проценти од вкупниот број се заразиле со вирусот до 20 март.
Во Бергамо 134 матични лекари се разболеле или се во карантин, вели Гвидо Маринони, шеф на локалното здружение на лекари по општа пракса, додека тројца починаа.
Ситуацијата е уште полоша во пензионерските домови, каде што се заразени 1 464 здравствени работници од вкупно 5 805.
Шефот на владиниот кризен штаб за борба со пандемијата изјави дека на Италија ѝ се потребни 90 милиони маски месечно и ги активирале сите можни канали за да ги добие.
Гувернерот на Ломбардија, Атилио Фонтана, потпишал договор за четири милиони маски од Јордан.
Во неколку болници и здравствени центри во Милано, јавни и приватни, вработените и синдикатите исто така се жалат на несоодветни мерки за заштита на вработените.

Вкупниот број на заболени со ковид-19 во Италија изнесува 63 927 лица, додека бројот на починати е 6 073.
Во светот досега од овој вирус се заразиле 383 011 лица, од кои 16 585 починале, а 102 524 се излечени.