Почнува отстранувањето на барикадите, но тоа не може да се направи за два часа. Дали за 24 или за 48 часа ќе се отстранат барикадите, но недовербата не е отстранета. Никогаш не сме виделе поорганизиран отпор на српскиот народ, вели претседателот на Србија

Претседателот на Србија Александар Вучиќ, по разговорите со Србите од Косово, најави дека отстранувањето на барикадите ќе започне денеска наутро, но дека „недовербата не е отстранета“.
Вучиќ, кој вчера во Рашка разговараше со Србите од северот на Косово, нагласи „имавме разговор кој беше сè само не лесен“.
„Почнува отстранувањето на барикадите, но тоа не може да се направи за два часа, дали за 24 или за 48 часа, ќе се отстранат барикадите, но недовербата не е отстранета. Тие што мислат дека можат да си играат со животот на Србите и нивниот опстанок, треба да знаат дека, како што не сме дозволиле до сега, сите заедно, особено вие, нема да дозволиме ниту во иднина“,
рече Вучиќ.
Тој додаде дека мора да се разговара за да се врати довербата.
„Никогаш не сме виделе поорганизиран отпор на српскиот народ“,
рече Вучиќ.
Вучиќ го прочита текстот што му го врачиле Србите од барикадите, кои, како што објави, рекле дека не сакаат да одат против својата земја, но дека бараат никогаш да не се признае самопрогласената независност на Косово.
„Луѓето бараа да биде без камери, за да можат да кажат сè што мислат, да ги изразат своите стравови, да зборуваат за сè“,
рече тој.
Вучиќ го прочита и заклучокот на штабот од барикадите во кој се наведени работите што ги бараат, како што рече, од него како претседател и од државата.
Побараа, вели, да ја имаат неговата поддршка за се што следува и велат дека „немаат верба во Курти“.
„Ако апсењата продолжат, тие засекогаш ќе го затворат северот на Косово, ќе постават барикади кои никогаш нема да се отстранат, а тоа ќе биде граница за Приштина што никогаш нема да ја преминат. Бараат ветување дека никогаш нема да има признавање на Косово и дека Косово е територија на Србија. Ги замолив да го почитуваат она за што дојдов, да ги замолам да ги тргнат барикадите и да дадат шанса за дијалог, мир и доверба“,
рече Вучиќ.
Тој додаде дека мора „да им веруваат на тие луѓе дека ќе го почитуваат она што го кажале и ќе спречат такво однесување на режимот на Курти“.
„Ако тоа не се случи, сè што можам да кажам е дека, како што реков вечерва, каква и да донесете одлука, јас се согласувам или не, вашата земја ќе биде со вас. Што се однесува до мене, ако почнат да апсат Срби поради барикадите, што и да правите после тоа, ќе ја имате поддршката од српската држава и мојата лична поддршка“,
вели тој.