Според шефот на канцеларијата за Косово во владата на Србија, Петар Петковиќ, ова барање е испратено по заедничката изјава на Соединетите Американски Држави (САД) и Европската унија (ЕУ) во која се изразува загриженост за настаните на Косово и одговорот на барањата на претставниците на Србите
Според неговите зборови, во текот на вечерта тој ќе се сретне со Вучиќ, како што наведе, на територијата на Србија, без да ја прецизира локацијата. Таму ќе се знае каква одлука ќе донесат Србите од север за можноста за напуштање на барикадите
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ побарал од Србите на северот на Косово да се повлечат од барикадите кои во последните 18 дена ја блокираат патната инфраструктура, изјави денеска шефот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ.

Тој додаде дека ова барање е испратено по заедничката изјава на Соединетите Американски Држави (САД) и Европската унија (ЕУ) во која се изразува загриженост за настаните на Косово и одговорот на барањата на претставниците на Србите.
„По овие официјални изјави (на меѓународната заедница), претседателот ( на Србија, Александар Вучиќ) разговараше со Србите од северот повеќе од два часа и им ја презентираше содржината на овие документи и изјави, им покажа сè од што ќе имаме корист и барањето нашиот народ да се повлече од барикадите“,
рече Петковиќ на прес-конференција во Белград.
Петковиќ изјави и дека претставниците на Србите од Косово, кои престојуваа во Белград, ќе се вратат во Косово за да разговараат со Србите кои се наоѓаат на барикадите. Според неговите зборови, во текот на вечерта тој ќе се сретне со Вучиќ, како што наведе, на територијата на Србија, без да ја прецизира локацијата.
Таму ќе се знае каква одлука ќе донесат Србите од север за можноста за напуштање на барикадите.
„Ја користам приликата да ја соопштам добрата вест дека ги добивме најсилните гаранции досега од САД и ЕУ кога се во прашање барањата на Србите, нивните услови да се повлечат од барикадите“,
рече меѓу другото Петковиќ, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Како добра вест тој ја оцени и промената на безбедносните мерки на Дејан Пантиќ од притвор во домашен притвор.
„Тоа е голема победа, пред се за српскиот народ во Косово“,
рече Петковиќ.
Неколку часа претходно властите на Косово му ја сменија мерката на поранешниот српски полицаец Дејан Пантиќ од (затворски) притвор во домашен притвор.
Пантиќ беше уапсен на 10 декември во Јариње, под сомнение за „терористички напад“ на 6 декември врз функционери на Централната изборна комисија на северот на Косово.
Неговото апсење поттикна некои локални Срби да ги блокираат патиштата на северот. Поради барикадите, од 10 декември се затворени две гранични точки што ги поврзуваат Косово и Србија – „Јариње“ и „Брњак“.
На 27 декември поради поставени барикади на територијата на Србија затворен е третиот од шесте гранични премини меѓу Србија и Косово – „Мердара“.
Претставниците на Србите кои учествуваат во блокадите на северот на Косово поставија неколку услови за отстранување на барикадите, како ослободување на уапсените Срби и „повлекување“ на наводните списоци со имиња на Срби кои ќе бидат уапсени од косовската полиција.
„Добивме заедничко официјално соопштение од САД и ЕУ во кое јасно е исполнето второто барање на Србите, каде што најважно е да се потврди дека нема списоци за апсење или гонење на српски државјани од Косово за учество во мирни протести или барикади“,
рече Петковиќ.
Во заедничката изјава од 28 декември, САД и ЕУ објавија дека добиле гаранции од властите во Косово дека нема списоци со имиња на Срби кои ќе бидат уапсени или прогонувани поради мирни протести или поставување барикади.
„Со оваа изјава можам да потврдам дека нашите луѓе на барикадите се заштитени“,
рече Петковиќ на прес-конференцијата.

Шефот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија рече и дека третиот елемент од барањата на Србите од Косово се дел од гаранциите што Србија ги добила од мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР.
„Ова е сосема нова потврда и гаранција од КФОР, која јасно кажува и потврдува дека косовските безбедносни сили не можат да одат на север на Косово без претходна согласност на командантот на КФОР и четворица претставници на локалните заедници од северот на Косово“,
рече Петковиќ.
Петковиќ додаде дека Србија ќе продолжи да се бори за враќање на Србите во институциите на Косово, од каде што заминаа на 5 ноември, незадоволни од тогашната намера на Косово да ја спроведе одлуката за пререгистрација на возилата од српски на косовски таблички. Договорот кој ја надмина причината за проблемот беше направен на 23 ноември, но бојкотот не заврши.
Петковиќ изјави и дека Србија ќе продолжи да инсистира на формирање Заедница на општини со српско мнозинство, што е еден од договорите за кој двете страни постигнаа согласност во рамките на дијалогот за нормализација на односите, кој се води со посредство на ЕУ. Сепак, тоа никогаш не беше реализирано.