Милошевски по завршувањето на седницата, во куса изјава за медиумите, рече дека ја исполнил својата законска обврска да реферира во однос на случајот „Онишченко“ пред надлежната собраниска Комисија, но поради сензитивноста на материјата истакна дека не може да сподели детали
Пренџов, исто така, беше резервиран во однос на информациите презентирани во врска со кои се дискутирало на седницата поради нејзината доверливост на ниво на државна тајна, но не штедеше критики за работата на Агенцијата. Тој на одговорност за ваквата состојба ги повика премиерот и Владата бидејќи, како што рече, тие ги именуваат директорите, меѓу кои е и раководителот со Агенцијата за национална безбедност
Доверливоста на информациите ја ускрати јавноста за информација повеќе во врска со евентуално нови наоди за пропустот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) со даденото позитивно мислење за доделување македонско државјанство на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко.
Ова е исходот од денешното продолжение на седницата на Комисијата за надзор над работата на АНБ, која беше затворена за јавноста, а каде што реферираше нејзиниот нов директор Зарко Милошевски за улогата на Агенцијата во скандалот „Онишченко“.

Тој по завршувањето на седницата, во куса изјава за медиумите, рече дека ја исполнил својата законска обврска да реферира во однос на случајот „Онишченко“ пред надлежната собраниска Комисија, но поради сензитивноста на материјата рече дека не може да сподели детали.
„Денеска јас ја исполнив својата законска обврска да реферирам по однос на случајот `Онишченко` пред Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање. Детално ги образложив фактите и аргументите кои беа презентирани пред Комисијата со оглед на фактот што се работеше многу сензитивна материја и кои податоци се од строго доверлив карактер од највисок интерес, не би можел да ви дадам повеќе детали околу самото мое рефрирање во рамките на Комисијата“,
рече директорот на АНБ, Зарко Милошевски.
За повеќе одговори тој ги упати новинарите на претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов, како и пратениците кои се членови на ова собраниско тело.
Пренџов, исто така, беше резервиран во однос на презентираните информации во врска со кои се дискутирало на седницата поради нејзината доверливост на ниво на државна тајна, но не штедеше критики за работата на Агенцијата.
„Знаете дека таа седница беше затворена на ниво на државна тајна, значи највисок степен на доверливост каде што од страна на директорот на Агенцијата ни беа презентирани определени активности што ги имала агенцијата изминатиов период, кога новинари ја открија аферата со Онишченко. Генерално, добивме определени информации. Со оглед на доверливоста на информациите, можам да споделам со јавноста дека нè информираа за определени системски пропусти и со дел законски решенија. Добивме практично еден редослед на тоа што се случувало од објавувањето (на скандалот н.з.) од страна на медиумите, па до денес во врска со тоа“,
рече Пренџов.

Тој изрази загриженост поради тоа што, како што истакна, АНБ, која и претходно додека функционираше под други имиња (Управа за безбедност и контраразузнавање н.з.), ги полни медиумите со негативни наслови за нејзината работа.
„Јас како претседател на Комисијата сум загрижен заради тоа што Агенција за национална безбедност, а и претходно со други имиња на некој турнус од пет-шест години редовни ги полни насловите на медиумите со негативности и сметам дека конечно мораме да му ставиме крај на тоа. Конечно таму треба да има ред, професионализам и треба да бидат вистински чувар на државата. И во иднина би сакала да не ни се повторуваат работи, со месеци да зборуваме на насловните страни на медиумите за тоа што АНБ направила, а не требало да го направи“,
рече претседателот на Комисијата за надзор над работата на АНБ.
Тој на одговорност за ваквата состојба ги повика премиерот и Владата бидејќи, како што рече, тие ги именуваат директорите, меѓу кои е и раководителот со Агенцијата за национална безбедност.
„Сакам да бидеме на чисто, директорот и претходниот и актуелниот го именува премиерот односно Владата и тој на дневна основа одговара за својата работа пред премиерот и Владата. Јас толку можам да соопштам. Ние сме држава членка на НАТО можеме да бидеме власт и опозиција. Можеме да разговараме за дневна политика, како треба државата да се однесува во поглед на економијата, образованието и здравството, но кога се работи на професионализацијата на безбедносниот и на разузнавачкиот сектор тука мораме да бидеме максимално на висина на задачата и затоа ви кажав дека Владата која ги именува директорите исто така си сноси одговорност за тоа што тие работеле во Агенцијата“,
подвлече Пренџов.
Инаку, денешната седница на Комисијата за надзор над работата на АНБ и на АР е продолжение на веќе започнатото заседание на ова собраниско тело за улогата на АНБ во давањето позитивно мислење за македонското државјанство на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко. Тогаш пред комисијата реферираше поранешниот директор на Агенцијата задолжена за безбедноста на државата, Виктор Димовски.
Седницата беше прекината поради безбедносен пропуст кога дел од сведочењето на Димовски одеше тонски на собранискиот јутјуб-канал. За овој инцидент МВР спроведе истрага и изготви извештај, кој беше доставен до Собранието, чиј претседател Талат Џафери даде дозвола седницата да продолжи.
По реферирањето на 18 ноември, Димовски во изјава за медиумите рече дека по интерната проверка што ја спровела (АНБ), било утврдено дека не било испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО-партнерите пред да се даде позитивно мислење во врска со случајот на Олександр Онишченко, кој добил позитивно мислење од АНБ во врска со издавање македонско државјанство.