Ограничени маржи за трговците има за лебот, брашното, шеќерот, сончогледовото масло за јадење, оризот, млекото, јогуртот, јајцата, урдата, сирењето итн.
Мерката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи се продолжува до крајот на април 2023 година, одлучи Владата на денешната седница на предлог на Министерството за економија.
Ваквата одлука, како што вели министерот Крешник Бектеши, во пракса го ограничува растот на цените, а потребата за нејзино продолжување се наметна состојбата на пазарот укажува дека цените не се стабилизирани.
„Дополнително на тоа, Владата на Република Северна Македонија овозможи од 1 декември оваа година да се користи субвенционирана електрична енергија кај домашните производители на основните прехранбени производи, сè додека трае кризната состојба во непречено снабдување со електрична енергија. Целта е со субвенционирана електрична енергија кај домашните производители и регулирана трговска маржа, на пазарот да имаме коригирани цени“
напиша Бектеши на својот фејсбук-профил.
Мерката значи дека трговските маржи за трговците на големо и мало се ограничуваат на 5 отсто за: бел леб (сечен на парчиња или цел); бел шеќер и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло).
Со 10 отсто, пак, ограничена е маржата на: брашно од пченица (тип 400 и тип 500); макарони и шпагети од тврда пченица; македонски бел ориз; трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; јајца; урда; кравјо бело сирење и мешано бело сирење; кашкавал; кисело млеко; павлака и јогурт.