Доколку се прифатат барањата како што се наведени, просечната цена за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата би се зголемила за 3,5 до 4 отсто. РКЕ ги определува цените без ДДВ, а зголемувањето на ДДВ од 5 на 10 отсто ќе има влијание на крајниот трошок од 4,72 отсто, објаснува директорот на РКЕ
Досега барања за нова цена на електричната енергија на регулираниот пазар по 1 јануари идната година до Регулаторната комисија за енергетика имаат поднесено АД МЕПСО за пренос на електрична енергија, „ЕВН електродиструбуција“ за дистрибуција и „ЕВН хоум“ за вршење на дејноста универзално снабдување со електрична енергија на малите потрошувачи и домаќинствата.

Од она што е доставено до РКЕ, претседателот Марко Бислимоски рече дека АД МЕПСО бара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 29,75 отсто, „ЕВН електродистрибуција“ бара намалување на услугата за дистрибуција на електрична енергија за 2,8 отсто, а универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ бара зголемување за пет отсто на цената за снабдување со електрична енергија на малите потрошувачи и домаќинствата.
„Доколку се прифатат барањата како што се наведени, просечната цена за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата би се зголемила за 3,5 до 4 отсто. РКЕ ги определува цените без ДДВ, а зголемувањето на ДДВ од 5 на 10 отсто ќе има влијание на крајниот трошок од 4,72 отсто“,
рече Бислимоски на денешната прес-конференција.
Во текот на оваа недела, додаде Бислимоски, ќе ги соопштиме крајните цени за електрична енергија, пред се за дејностите кои ги регулираме, а тоа се пренос на електрична енергија, дистрибуција и снабдување со електрична енергија на малите потрошувачи и домаќинствата.

Тој нагласи дека уште од сега може да потврди дека трошокот за дистрибуција на електрична енергија ќе биде намален.
„На тој начин ќе се помогне не само на малите потрошувачи и домаќинствата, туку и за сите компании што се на слободниот пазар на електрична енергија. РКЕ ги анализира барањата. Нашата методологија е во целост усогласена со европското законодавство и има таму голем број на елементи коишто влијаат на крајната цена. Тоа се пред се трошоци за дебаланси, понатаму фактор на корекција што го имаат трите компании и исто така има и други елементи како што се пренесени трошоци, така што сите овие елементи овие денови ги анализираме и во текот на оваа недела врз основа на тие анализи ќе ги донесеме конечните одлуки“,
рече Бислимоски.
Претседателот на РКЕ информира дека за домаќинствата останува иста блоковската структура и границите, додека воведувањето на блокови за малите потрошувачи се одлага до 30 јуни идната година.
„Блоковската структура и границите остануваат исти. Четири-пет месеци веќе се применуваат. Имаме добри резултати така што сега засега не планираме да ги промениме и ќе останеме со истите блокови. Нашите анализи покажаа дека во овој момент не може да се воведе блокови за малите потрошувачи, бидејќи кај нив има огромна шареноликост на потрошувачката. Правиме дополнителни анализи и тоа најверојатно ќе стартува од 1 јули“,
додаде Бислимоски.
РКЕ, додаде тој, со последната одлука има цена за активна електрична енергија, во делот на скапата тарифа имаме четири блока и во делот на евтината тарифа нема блоковска структура. На тоа се додава и трошокот за мрежарина и се добива крајна цена за домаќинствата.
„Ние како репер што ќе го објавиме во јавноста ќе биде по сите елементи, за активна електрична енергија во скапа тарифа за секој блок соодветно, за евтина посебно, мрежарината каква промена ќе има и конечно најважното е крајната цена каква ќе биде за домаќинствата. За сите параметри ќе ве информираме колку се менуваат“,
прецизира Бислимоски.
За следната година, како што нагласи Бислимоски, „ЕВН хоум“ бара 3 900 гигават-часа електрична енергија што 100-процентно ќе ги обезбеди АД ЕСМ, додавајќи дека не се предвидува увоз на струја за потребите на регулираниот пазар до 30 јуни идната година.