Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека Иран ќе се соочи со дополнителни и посериозни американски воени дејствија доколку возврати на последните напади
Иран, пак, соопшти дека започнал да лансира ракети и дронови кон американски цели во регионот, како одговор на новите американски напади
Aмериканската војска соопшти дека извршила нови напади врз цели на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) во Иран, како одговор на неодамнешните обиди за напади врз комерцијален брод во Ормускиот Теснец и американски војници распоредени во регионот, соопшти денеска Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ).
Како што пренесува Си-ен-ен, новата рунда напади следува откако САД и Иран во понеделникот разменија напади, што беше прва директна размена на оган меѓу двете земји по повеќе од еден месец.
Today at 12 p.m. ET, U.S. forces began striking Islamic Revolutionary Guard Corps (IRGC) targets in Iran. The strikes follow recent attempted attacks by the IRGC against commercial shipping in the Strait of Hormuz and against American service members deployed to the region.
— U.S. Central Command (@CENTCOM) September 1, 2026
Иран соопшти дека истрелал ракети кон американски воени цели во Јордан и Обединетите Арапски Емирати, како одмазда за американскиот напад врз ирански ракетни лансери на островот Ларак. Од Вашингтон, пак, беше соопштено дека Иран се обидел да постави морски мини во Ормускиот Теснец, еден од најважните светски поморски коридори за транспорт на енергенси.
Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека Иран ќе се соочи со дополнителни и посериозни американски воени дејствија доколку возврати на последните напади.
„Соединетите Американски Држави напаѓаат ирански цели во близина на Ормускиот Теснец. Нападите се големи и моќни и претставуваат одмазда за неуспешниот обид на Иран да постави морски мини во теснецот“,
напиша Трамп на Трут Соушл.
Според него, Иран истрелал осум ракети кон американска воена база во Јордан, но дека сите биле пресретнати.
Подоцна, во интервју за „Фокс њуз“, Трамп изјави дека американските сили ги погодиле радарските системи што Иран се обидувал повторно да ги воспостави.
Иран, пак, соопшти дека започнал да лансира ракети и дронови кон американски цели во регионот, како одговор на новите американски напади.
Централниот штаб на иранските вооружени сили соопшти дека Иран ќе изврши разорни и уништувачки удари врз американските сили.
Јорданскиот државен радиодифузер објави дека биле активирани сирените за воздушна опасност во губерниите Мафрак и Акаба. Засега нема информации за жртви или материјална штета.
Во меѓувреме, иранските власти соопштија дека четири проектили ги погодиле пристанишните градови Чабахар и Конарак во југоисточниот дел на земјата.
Според ИРИБ, повеќе експлозии биле слушнати и источно од Бандар Абас и во близина на островот Кешм, во Ормускиот Теснец. Бандар Абас и Кешм се наоѓаат на северната страна од теснецот, клучна поморска рута за глобалниот транспорт на енергенси.
