На компаниите што во последните четири години имаат над 10 милиони евра приходи на годишно ниво, при што тоа е 20 отсто повеќе од четиригодишниот просек, дополнително да им се оданочат екстра приходите, најавува министерот за финансии

Министерот за финснии Фатмир Бесими најавува дека со стопанските комори се води дискусија за воведување нов, вонреден данок на екстра добивка, по примерот на европските земји.
„Дискусијата што сега се води со коморите е во однос на посебен, нов вонреден данок, а тоа е данок на дополнителна екстра добивка, што значи дека по примерот на другите земји, како Велика Британија, Италија, Унгарија, Хрватска итн, дури има и директива, препорака од земјите членки на ЕУ, земјите да оценат и да го користат тоа во вид на солидарност. Тоа што ние сега го дискутираме со стопанските комори е дека во последните четири години оние компании што имаат над 10 милиони евра приходи на годишно ниво и ќе се спореди нивната добивка во текот на 2022 година и делот што е остварен над 20 отсто во последните четири години, само тој дел ќе биде предмет на оданочување со овој нов данок, еднокатен, само за 2022 година, и нема да се повтори. Годините каде што немаат остварено добивка не се земаат предвид за оданочување“,
посочува Бесими.
Тој, во интервју за Радио Слободна Европа, нагласува дека целта на даночната реформа е да воспостави даночен систем што ќе овозможи одржлив, инклузивен и забрзан економски раст.
„Даночната реформа не беше само за фискалните приходи, туку се базира на стратегијата за даночна реформа кога беше донесена од страна на Владата уште во декември 2020 година, каде главни цели на таа реформа е да се воспостави еден даночен систем кој ќе овозможи одржлив, инклузивен и забрзан економски раст, врз основа на нови технологии и подобрување на ефикасноста во даночниот систем“,
вели Бесими и додава дека како приоритетни аспекти, области и принципи на таа стратегија се правичност на даночниот систем, ефикасност, ефективност и транспарентност, како и зелениот концепт на даночниот систем.
Во првата фаза на реформите, додава Бесими, се презентирани реформите на даночната политика, односно на три даноци – данокот на личен доход, данокот на додадена вредност и данокот на добивка.
„Пристапот за да се обезбеди поголема правичност беше да се зголеми даночната база, а притоа да не воведеме нови даноци и зголемување на постојните даночни стапки. Даночната база се предлага да се зголеми на две основи: едниот основ е намалување на сивата економија, за што имаме посебна стратегија за сива економија и вториот аспект е преку намалување на таканаречените даночни трошоци или ревидирање на листата на даночни ослободувања. После расправата има ревидирање на неколку мерки и вкупно некаде околу 76 милиони евра е сега фискалниот ефект на овој пакет што е во Собрание на гласање“,
прецизира Бесими.