По вербална расправија во автомобил кај местото викано Бањиче, таа со остар предмет го удрила оштетениот во главата неколку пати нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот. Потоа го турнала во реката Пена, а лицето било пронајдено починато по течението на реката, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство
Седумнаесетгодишна девојка е осомничена за убиство на една година помладото момче чие безживотно тело вчера беше пронајдено во реката Пена, кај месноста Бањиче во Тетово, соопшти утрово Јавното обвинителство.

Оттаму информираат дека Основното јавно обвинителство Тетово до надлежниот суд поднело барање за поведување подготвителна постапка против едно лице за кое постои сомнение дека сторило кривични дело убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Според Обвинителството, малолетната девојка го извршила убиството со умисла по претходна вербална расправија.
„Осомничената седуманесетгодишна девојка со умисла лишила од живот дете на возраст од 16 години. По вербална расправија во автомобил кај местото викано Бањиче, таа со остар предмет го удрила оштетениот во главата неколкупати нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот. Потоа го турнала во реката Пена, а лицето било пронајдено починато по течението на реката“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Надлежниот јавен обвинител до Судот доставил предлог за определување мерка притвор.
Безживотното тело на момчето беше пронајдено вчера утро, откако неговиот татко еден ден претходно во полиција пријавил дека тоа се оддалечило од дома со патничко возило „ауди“ со тетовски регистарски ознаки.
Како што соопштија вчера од СВР Тетово, малолетникот бил од Ново Село, Општина Желино.