Рускиот амбасадор тврди и дека американското учество во конфликтот во Украина може да доведе до ескалација на конфликтот
Вчерашната посета на Володимир Зеленски на Вашингтон покажува дека ниту САД, ниту украинскиот претседател „не се подготвени за мир“, изјави утрово рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов. Неговиот коментар дојде момент откако Зеленски одржа историски говор во американскиот Конгрес, во кој се заблагодари на САД за поддршката во борбата против руската агресија и побара поголема помош.
„Помирливите изјави од администрацијата на Бајден за немање намера за конфронтација со Русија се само празни зборови“,
рече Антонов во изјавата објавена од руската амбасада во САД.
Тој ја опиша посетата на Зеленски на САД како „патување во стилот на Холивуд“.
„Она што беше начелно најавено и поздравено со аплауз и саркастично намигнување е потребата да се продолжи ‘прокси војната’ против нашата земја, до целосна победа“,
рече Антонов.
Тој ја коментираше и најавата на Бајден за испраќање на моќниот американски ракетен систем за воздушна одбрана „Патриот“ систем во Украина.
„Мислам дека сите совршено добро разбираат каква судбина го чека персоналот кој ќе управува со овој систем на територијата на Украина“,
рече Антонов.
Рускиот амбасадор тврди и дека американското учество во конфликтот во Украина може да доведе до ескалација на конфликтот:
„Провокативните потези на САД лесно водат кон ескалација, чии последици не можат ниту да се замислат“.