Бајден му рече на Зеленски дека Украинците „го инспирираат светот“ пред двајцата лидери да се упатата на средба во Овалната соба, која се очекува да трае околу два часа
Украинскиот претседател Володимир Зеленски пред Белата куќа беше пречекан од американскиот претседател Џо Бајден. Зеленски беше пречекан со црвен тепих и знамињата на Украина и САД едно до друго.
Американскиот претседател Џозеф Бајден и неговата сопруга Џил го чекаа украинскиот лидер, се ракуваа со него, а потоа следуваше фотографирање.
Зеленски им се заблагодари на претседателот Џо Бајден, на американските законодавци и на „обичниот народ“ на Америка за нивната поддршка за Украина.
Во кусите изјави пред новинарите, Бајден му рече на Зеленски „чест е да се биде покрај вас“ и вети континуирана финансиска, воена и хуманитарна помош за Украина.
Бајден му рече на Зеленски дека Украинците „го инспирираат светот“ пред двајцата лидери да се упатата на средба во Овалната соба, која се очекува да трае околу два часа.
Зеленски на Бајден му ја врачи наградата Херој на Украина. Овој воен медал му припаѓал на украински војник во Бахмут. Зеленски рече дека војникот со кој се сретнал вчера во Бахмут побарал од него да му го даде својот орден на „храбриот американски претседател“.
„Каква голема чест. Не го заслужив тоа, но тоа е голема чест“,
рече Бајден.
Американскиот претседател му вети на Зеленски дека САД ќе продолжат да ја зајакнуваат способноста на Украина да се брани, со посебен акцент на воздушната одбрана.
Украинскиот претседател денеска изјави дека отпатувал во Вашингтон за да им се заблагодари на САД за помошта во војната против Русија.
„Денеска сум во Вашингтон за да му се заблагодарам на американскиот народ, претседателот и Конгресот за помошта што очајно и е потребна на Украина. И да ја продолжиме соработката, за да се доближиме до нашата победа“,
напиша Зеленски во објавата на социјалната мрежа Телеграм.