Централниот настан ќе биде на плоштадот „Бан Јелачиќ“, а се очекува да започне во попладневните часот
Во Хрватска денеска попладне се организира голема прослава за пречек на фудбалерите кои од Светското првенство во Катар се враќаат со бронзен медал.
Се очекува репрезентативците да пристигнат попладне околу 17 часот, а централниот настан ќе биде на плоштадот „Бан Јелачиќ“ во Загреб во организација на градската власт.
Според најавите во хрватските медиуми, по слетувањето на аеродромот, фудбалерите со автобус ќе прошетаат низ градот за да стигнат до крајната дестинација на плоштадот. Најавен е и посебен сообраќаен режим на рутата каде ќе се движи автобусот со фудбалерите.
Градските власти ги повикаа навивачите да излезат на улиците, не само на плоштадот, за да ги поздрават фудбалерите. Одреден дел од рутата тие ќе се возат во затворен, а потоа ќе се префрлат во панорамски автобус.
Начинот на прослава е ист како пред четири кога Хрватите на Мундијалот во Русија играа финале и го освоија второто место.
Синоќа тие победија во борбата за третото место во натпревар против Мароко со 2:1. Ова е втора бронза на Хрватска, по првата што ја освоија на Светското првенство 1998 во Франција.