МВР соопшти дека таа признала оти лажно се претставувала како вработена во општинската администрација и од повеќе ресторани нарачувала храна на сметка на фирми со кои наводно соработувала Општина Ѓорче Петров
Извесната Ивана која јадеше и пиеше по кафеани и ресторани во име на Општината Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Стојкоски, е откриена. Станува збор за жена на возраст од 36 години со иницијали И.А. Таа вчера била на разговор во полициска станица и го признала делото.
„На 16.12.2022 во Полициската станица Ѓорче Петров бил извршен службен разговор со И.А.(36) од Скопје. Таа се сомничи дека лажно се претставувала како вработена во општина Ѓорче Петров и од повеќе угостителски објекти нарачувала храна во име на фирми со кои наводно соработувала општината. Во разговорот таа го признала делото“,
велат од МВР.
Оттаму најавуваат дека по целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесат пријава.
За случајот во средата (14 декември) од Општина Ѓорче Петров јавно се пожалија и апелираа до угостителските објекти да не наседнуваат на ваквата измама.
„Извесна Ивана во име на Општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Стојкоски во изминатиот период се јавува и појавува во угостителски објекти при што нарачува храна и пијалаци, наводно за општината и градоначалникот. Лицето по извршената нарачка бара фактурите за испорачаната услуга да гласат и да им бидат доставени на фирми кои соработуваат со Општина Ѓорче Петров. За фирмите доставува потребни податоци за изготвување фактура“,
информираа од Општината на 14 декември.