Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ изјави дека припадниците на вооружените сили на Србија поднеле барање до КФОР за враќање на до 1 000 припадници на српската војска и полиција на Косово

Меѓународната мировна мисија на НАТО на Косово (КФОР) потврди дека „го примила барањето на Владата на Србија за враќање на српските воени и полициски сили на Косово и дека го разгледува“.
„Добивме писмо од Србија и во моментов го оценуваме. КФОР останува особено внимателен и целосно способен да го исполни својот мандат од ОН“,
се вели во одговорот на КФОР до регионалниот сервис на РСЕ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека барањето ќе го достави по електронска пошта во текот на вечерта, додека денеска српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ изјави дека припадниците на вооружените сили на Србија поднеле барање до КФОР за враќање на до 1 000 припадници на српската војска и полиција на Косово.
Како што беше претходно најавено, за барањето на Србија треба да одлучува Воениот совет на НАТО, кој ќе препорача одговор на барањето на Србија до КФОР.
Американскиот пратеник за Балканот Габриел Ескобар за време на посетата на регионот, во Приштина и Белград, изјави дека САД силно се противат на таквото барање од Белград, а против ова барање пред неколку дена се изјасни и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
За да се донесат такви одлуки потребен е консензус од сите членки на НАТО.