Новото дебатно издание на емисијата „360 степени“ се емитува вечерва (16 декември 2022 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Во екот на јавната дебата за тоа како да се справиме со сè пораспространетата корупција, дополнително стимулирана со пораки од американски и европски претставници, вечерва за гостин го имаме шефот на Вишото јавно обвинителство во Скопје, Мустафа Хајрулахи. Во моментов, ако бидеме прецизни, Хајрулахи е вршител на должноста во очекување да биде реизбран на позицијата откако од трката се откажаа прво Фатиме Фетаи, а потоа и Бурим Рустеми, без да кажат зошто го прават тоа. Освен за ова, со Хајрулахи ќе зборуваме и за неодамнешниот избор на Ислам Абази за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и лавината реакција чие ехо сè уште се слуша. Има ли капацитет, подготвеност и, пред сè, независност Јавното обвинителство во целина да се носи со корупцијата која граѓаните ја посочуваат за еден од главните проблеми во нашето општество? Хајрулахи ќе го прашаме и за некои конкретни предмети во кои имало или има улога обвинителството со кое раководи, како случајот против Ејуп Алими и Исмет Гури од ДУИ, за кој имаше наводи дека Хајрулахи и неговиот колега Дилавер Бектеши намерно го држат во фиока.
Емисијата се емитува од 22 часот на ТВ Алсат.