Од Министерството посочија дека експлозијата се случила во средата наутро во 7:50 часот, притоа не прецизирајќи каков точно предмет добил како подарот полскиот командант за време на работната посета на Украина
Подарокот што полскиот полициски командант го доби за време на неодамнешната посета на Украина експлодираше во седиштето на полицијата во Варшава, предизвикувајќи полесни повреди на командантот и еден цивилен вработен, соопшти полското Министерство за внатрешни работи, јави Асошиејтед прес.
„Полицискиот командант од средата е во болница на набљудување, додека на цивилниот вработен не му беше потребна хоспитализација“,
се додава во соопштението на полското МВР.
Од Министерството посочија дека експлозијата се случила во средата наутро во 7:50 часот, притоа не прецизирајќи каков точно предмет добил како подарот полскиот командант за време на работната посета на Украина.
Дополнително, се додава дека по експлозијата, Полска побарала од украинската страна да даде соодветни објаснувања во врска со случајот.
Полицискиот командант се сретнал со водачите на украинската полиција и службата за вонредни ситуации во неделата и понеделникот.
Полска е сојузник на Украина и ѝ нуди различни форми на поддршка по инвазијата на Русија на 24 февруари. Полска испрати воена и хуманитарна помош во Украина и прифати голем број бегалци.