Лајчак и Ескобар се во посета на Белград и Приштина во екот на зголемените тензии на северот на Косово, каде Србите поставија блокади на патиштата по апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ, а Белград најави дека ќе побара од мисијата КФОР одобрение за враќање на српските сили на Косово
Имавме отворен и искрен разговор за политичко решение кое ќе ги намали тензиите и ќе овозможи отстранување на барикадите. Вучиќ ја разбира сериозноста на ситуацијата, напиша специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, по средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
I continued my mission in Belgrade today to meet with @predsednikrs @avucic. We had an open and honest discussion on a political solution that would lower tensions and allow for dismantling of barricades. He understands the seriousness of the situation. pic.twitter.com/Le6HDYThx5
— Miroslav Lajčák (@MiroslavLajcak) December 14, 2022
И претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека денеска во Белград имал „чесен и коректен“ разговор со претставниците на ЕУ и САД задолжени за Западен Балкан.
„Искрен и коректен разговор со специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак и американскиот пратеник Габриел Ескобар“,
напиша Вучиќ на Инстаграм по трилатералната средба.
Вучиќ претходно имаше тет а тет средба со Лајчак, по што на средбата им се придружи и Ескобар. По разговорите не беа најавени обраќања до медиумите.
Лајчак и Ескобар се во посета на Белград и Приштина во екот на зголемените тензии на северот на Косово, каде Србите поставија блокади на патиштата по апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ, а Белград најави дека ќе побара од мисијата КФОР одобрение за враќање на српските сили на Косово.
Вчера, за време на посетата на Приштина, Ескобар изјави дека САД категорично ја отфрлаат и воопшто не ја поддржуваат можноста за враќање на српските сили на територијата на Косово. Тој рече дека не очекува тоа да се случи и оти Косово има многу цврсти безбедносни гаранции од САД.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, во понеделникот рече дека Лајчак доаѓа во Приштина и Белград со ажуриран мировен план и дека ЕУ е подготвена да испрати засилување во мисијата на ЕУ на Косово (ЕУЛЕКС).
Во меѓувреме, лидерите на Косово денеска на церемонија во Приштина го потпишаа барањето на Косово за членство во ЕУ и најавија дека утре ќе и го предадат на Чешка како претседавач со ЕУ.