По разговорите не беа објавени обраќања до медиумите, а од кабинетот на Вучиќ соопштија дека ќе биде испратено соопштение до новинарите во врска со состанокот. Во објава на Инстаграм, Вучиќ напиша дека со Лајчак и Ескобар имал искрен и коректен разговор
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска се сретна со специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и специјалниот пратеник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан, Габриел Ескобар, јави РТС.

Вучиќ прво одржал билатерална средба со Лајчак по што на состанокот им се придружил и Ескобар.
По разговорите не беа објавени обраќања до медиумите, а од кабинетот на Вучиќ соопштија дека ќе биде испратено соопштение до новинарите во врска со состанокот.
Во објава на Инстаграм, Вучиќ напиша дека со Лајчак и Ескобар имал искрен и коректен разговор.
Лајчак и Ескобар се во посета на Белград и Приштина во екот на зголемените тензии на северот на Косово, каде Србите поставија блокади на патиштата по апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ, а Белград најави дека ќе побара од мисијата КФОР одобрение за враќање на српските сили на Косово.
Вчера, за време на посетата на Приштина, Ескобар изјави дека САД категорично ја отфрлаат и воопшто не ја поддржуваат можноста за враќање на српските сили на територијата на Косово. Тој рече дека не очекува тоа да се случи и оти Косово има многу цврсти безбедносни гаранции од САД.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, во понеделникот рече дека Лајчак доаѓа во Приштина и Белград со ажуриран мировен план и дека ЕУ е подготвена да испрати засилување во мисијата на ЕУ на Косово (ЕУЛЕКС).
Во меѓувреме, лидерите на Косово денеска на церемонија во Приштина го потпишаа барањето на Косово за членство во ЕУ и најавија дека утре ќе и го предадат на Чешка како претседавач со ЕУ.