Вучиќ утре во Белград, ќе се сретне со Мирослав Лајчак, а потоа предвидена е трилатерална средба и со заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утре во Белград ќе се сретне со претставникот на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, се вели во соопштението на Претседателството на Србија.
По оваа средба предвидена е трилатерална средба меѓу Вучиќ и Лајчак и заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар.
Главниот дипломат на Европската унија, Жозеп Борел, претходно потврди дека Лајчак ќе отпатува во регионот на Балканот за да помогне во намалувањето на тензиите на северот на Косово.
Според него, ЕУ е подготвена да испрати засилување во мисијата на ЕУ на Косово (ЕУЛЕКС).
Денеска Габриел Ескобар се сретна со претставници на опозициските партии во Приштина. Ден претходно, Ескобар беше примен од косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти.
Камиони и автобуси продолжуваат да ги блокираат патиштата на северот на Косово, спречувајќи го сообраќајот кон граничните премини со Србија, Јариње и Брњак.
Неколку групи српски граѓани од Косово почнаа да поставуваатаат барикади пред четири дена, кога властите во Косово објавија дека е уапсен поранешен српски полицаец.
Претставниците на српската заедница на почетокот на ноември ги напуштија сите косовски институции на северот и оттогаш има зголемени тензии.