Во интервју за јавниот сервис РТС, српскиот претседател ја критикуваше Приштина дека не се придржува до ниту еден договор, а дека САД само „го лулаат своето дете“ кое го направиле пред 23 години
Александар Вучиќ ги оправда протестите на Србите на Косово, рече дека Белград нема никаква улога во барикадите и дека нема докази дека Србите нападнале припадници на ЕУЛЕКС, повика на мир, но и кажа дека луѓето се подготвени како никогаш „да ја бранат татковината“
Заврши седницата на Советот за национална безбедност на Србија што ја свика претседателот Александар Вучиќ. Темата беше Косово, каде што особено во последните два-три дена тензиите се претворија во инциденти кои вклучуваа и истрели од огнено оружје.
„Ова ми е најтешкиот ден откако сум претседател“, кажа Вучиќ за РТС (Радио Телевизија Србија) и додаде дека „пред нас е тешка ноќ“.
Сè што предложил Вучиќ, Советот прифатил
Во интервјуто за РТС, по состанокот на Советот за безбедност, Вучиќ не беше прецизен што точно било разговарано, што било предложено и што било прифатено во врска со состојбата на Косово.
Но, порача дека „сме притиснати до ѕид“ и дека се преземени соодветни мерки за заштита на татковината. Истакна и дека е горд на војниците и полицајците.
„Никогаш, откога не постои ЈНА, не сме имале ваков одѕив, вакво расположение меѓу луѓето, да ѝ се стават на располагање на својата татковина. Би сакал на своите војници и полицајци да има кажам дека сум горд на нив. А пред да добијат каква било наредба, освен тревоги и подигнување на борбената готовност, милион пати пред тоа, ќе се обидеме да го сочуваме мирот за сите наши граѓани“,
изјави Вучиќ за РТС.
И покрај зборовите дека српските безбедносни структури се подготвени како никогаш „да ја бранат татковината“, во истото интервју Вучиќ на повеќе наврати изрази надеж дека ќе се одржи мирот.
„Се надевам дека имаме уверување од КФОР, од Европа, дека нема да преземаат насилни акции против демонстрантите. Се надеваме дека тоа така ќе помине. Продолжуваме да разговараме со нив, тоа е наша работа. Ќе направиме сè за да се зачуваат мирот и стабилноста“,
изјави Александар Вучиќ за РТС.
Во однос на извештаите за напади на ЕУЛЕКС, Вучиќ кажа дека нема директни докази дека таков напад навистина се случил. Во тој контекст ги повика Србите „да не се чепкаат“ со припадниците на КФОР и ЕУЛЕКС.
„Повикуваме на мирни разговори и невиниот човек да го пуштат на слобода“,
додаде Вучиќ во врска со апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ.
Барикадите се протест поради апсењата
Што се однесува до барикадите на патиштата на северот на Косово, Вучиќ кажа дека Белград не е организатор на тие настани. Но, додаде и дека на луѓето што ги прават блокадите сигурно не им е дојдено до мрзнење надвор туку дека тоа е израз на протест.

„Тие не го ограничуваат движењето на ниту еден Албанец, ниту еден Албанец не се движи по тој пат. Тоа е нивен израз на протест поради апсењето луѓе, поради претепувањето луѓе, поради малтретирањето луѓе и поради неисполнувањето на Бриселскиот договор“,
додаде Вучиќ.
Во тој контекст, тој кажа дека имал прашање за американските партнери.
„Кој договор го почитува Приштина? Кој договор го почитува, дали е тоа Повелбата на Обединетите нации, дали е тоа Завршниот акт, Резолуцијата 1244, дали е тоа Вашингтонскиот договор? Кажете кој од овие акти Приштина го почитува“,
изјави Вучиќ.
За повикот на амбасадите на САД во Белград и во Приштина веднаш да се отстранат барикадите, Вучиќ кажа дека е разочаран.
„Па, тие само го лулаат своето чедо и го чуваат своето албанско дете што го направија. Направија монструм пред 23 години заедно со некои други земји, пробаа да го направат тогаш, завршија пред 14 години во 2008 година“,
кажа Вучиќ за улогата на САД на Косово.
Актуелниот бран тензии на Косово се појави по обидите на Приштина да спроведе регистрација на сите возила во земјата на косовски регистарски таблички. Србите, кои се мнозинство во четири општини на северот на Косово, одбиваат да го сторат тоа и продолжуваат да ги регистрираат возилата со српски таблички. Кога раководството на полицијата се обиде да ги притисне локалните структури, најголем дел од полицајците Срби дадоа откази, а оставки поднесоа и локалните политички власти. Владата на Курти одговори со распишување предвремени избори во четирите општини на 18 декември, но маскирани лица почнаа со напади на избирачките одбори и полицајците кои доаѓаа да ги штитат. Под соменение дека учествувал во таков напад, косовската полиција го уапси Дејан Пантиќ. Приштина го товари за тероризам, Србите велат дека е невин.
Како и да е, властите во Косово ретерираа и ги одложија изборите на северот, но тензиите поради апсењата останаа. Вучиќ вели дека на седницата на Советот за безбедност било анализирано што сè се случува.

„Се случува она што го најавивме и вчера и претходните денови, од тој меѓународен аспект во кој имате безброј невистини, директни фалсификати, би рекол дури и ‘голи лаги’ за она што се случува на теренот. На самиот терен е тешка борба за опстанок на еден народ на своите огништа, каде што т.н. косовска полиција која нема никакво право да биде на северот, не зборувам за специјалните единици туку за косовската полиција, никакво право освен тоа да биде согласно Бриселскиот договор – директоратот Север мора да биде составен од 96 отсто Срби“,
кажа Вучиќ
А за специјалните единици, вели Вучиќ, многумина во меѓународната заедница се преправале дека не ги гледаат.
„Станува збор за еден обид за затворање на српскиот проблем на Косово и Метохија во кој учествуваат Албин Курти и приштинските власти и добар дел на меѓународната заедница се прави дека не гледа што се случува“,
додаде Вучиќ.
Пораката на Вучиќ по Советот за безбедност е:
„Она што е важно за нас е да ги повикаме и Албанците и Србите на зачувување на мирот и на смирување на ситуацијата. Ги повикувам Србите на северот да бидат сталожени и мирни и да не наседнуваат на провокации“.