Струшкото обвинителство дополнително, по испитувањето на случајот, дошло и до други сознанија и отворило уште два предмети, против директорот на болницата во Вевчани, како и за случај со две кандидатки кои незаконски биле вработени како лекари во здравствениот дом во општината
Струшкото јавно обвинителство оформило предмет по поднесена кривична пријава против лице кое со фалсификувани документи за завршен медицински факултет и лажна лиценца од Лекарската комора успеало да се вработи во болницата во Вевчани и четири години да ги „лекува“ жители на општината.
Како што информираат од Обвинителството, лицето е пријавен за кривичните дела – фалсификување исправа од член 378, измама од член 247 и надрилекарство предвидено во член 209 од Кривичниот законик.
Пријавениот според ОЈО Струга изготвил лажни исправи – фалсификувано уверение за положени испити на факултет за медицински науки и фалсификат уверение и лиценца од Лекарската комора. Документите ги употребил како вистински и со нив во два наврати се пријавил на оглас за работно место, доктор во Јавната здравствена установа Здравствен дом – Вевчани. Првиот пат на огласот во 2016 година не бил избран, но во 2018 година бил селектриран и вработен.
„Со употреба на лажните документи пријавениот ги довел во заблуда членовите на Комисијата за селекција при вработувањето дека ги исполнува условите предвидени во Законот за здравствена заштита. По основ на договорот за вработување, во периодот од 26.11.2018 до 19.10.2022 година, а и претходно со склучени договори на дело, пријавениот извршувал работни задачи на работно место – доктор по медицина без соодветна стручна подготовка и се занимавал со лекување и давање медицинска помош. На овој начин тој го довел во ризик здравјето на пациентите, односно постојат сомненија дека сторил кривично дело – надрилекарство“,
стои во соопштението од Јавното обвинителство.
Дел од медиумите во октомври, годинава објавија дека 33-годишен жител на Вевчани работел како лекар во Здравствениот дом во општината иако немал завршено Медицински факултет. Според информациите на медиумите, тој бил апсолвент на Медицински факултет на еден од универзитетите во земјава.
Струшкото обвинителство дополнително, по испитувањето на случајот, дошло и до други сознанија и отворило уште два предмети, против директорот на болницата во Вевчани, како и за случај со две кандидатки кои незаконски биле вработени како лекари во здравствениот дом.
Имено, според информациите Обвинителството има индиции дека директорот на Здравствениот дом Вевчани од 2019 година имал одредени сознанија дека лицето кое се претставувало како доктор не поседува лиценца од Лекарската комора.
За ова тој бил писмено известен со допис од Лекарската комора.
„Сепак, и покрај ваквите сознанија, тој на пријавениот му овозможил да продолжи да извршува лекарска дејност во Здравствениот дом во Вевчани до втората половина на 2022 година. На овој начин, постојат индиции дека директорот на ЈЗУ Здравствен дом Вевчани сторил кривичнo делo – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик“,
велат од Јавното обвинителство.
Од обезбедената документација, Основното јавно обвинителство Струга дошло и до сознанија дека на оглас за вработување во 2019 година во вевчанската болница се пријавиле две кандидатки кои не поседувале лиценци во тоа време. И покрај тоа, Комисијата за селекција при вработување констатирала дека тие ги исполнуваат законските услови.
„Со оглед на тоа што без лиценци тие не можеле да бидат вработени како лекари во здравствена установа, со нив бил склучен договор и биле примени како приправници. Откако неколку месеци подоцна ги обезбедиле лиценците, без да биде распишан нов оглас, со двете кандидатки биле склучени договори за вработување. Имајќи ги предвид ваквите сознанија, Основното јавно обвинителство Струга испитува наводи за кривични дела – злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 и несовесно работење во службата според член 353-в од Кривичниот законик за директорот на ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани, како и за тројца членови на Комисијата за селекција при вработување“,
информираат од Обвинителството.