Неодамнешните вознемирувачки извештаи сугерираат дека корупцијата во С Македонија се влошува, а не се подобрува. Корупцијата го поткопува владеењето на правото, создава недоверба во судството и ги ослабува јавните институции. Велика Британија стои со С Македонија. Апсолутно е клучно да се справите со ова, напиша на Твитер амбасадорот на Велика Британија, Метју Лосон
Бранот укажувања за состојбите со корупцијата во земјава и неопходноста од итни чекори за справување со неа, кои доаѓаат од највисоките дипломатските претставници на главните партнерски земји на С Македонија, денеска го засили и амбасадорот на Велика Британија во земјава, Метју Лосон.

Тој на својот официјален твитер-профил денеска напиша дека неодамнешните извештаи сугерираат дека корупцијата во С Македонија се влошува, а не се подобрува и дека апсолутно клучно е справувањето со ваквата состојба.
„Неодамнешните вознемирувачки извештаи сугерираат дека корупцијата во С Македонија се влошува, а не се подобрува. Корупцијата го поткопува владеењето на правото, создава недоверба во судството и ги ослабува јавните институции. Велика Британија стои со С Македонија. Апсолутно е клучно да се справите со ова“,
се вели во пораката на Твитер на британскиот амбасадор, напишана и во контекст на 9 Декември – Меѓународниот ден за борба против корупцијата.
Recent troubling reports suggest that corruption in ?? is getting worse, not better. Corruption undermines the rule of law, creates distrust in the judiciary and weakens public institutions. ?? stands with ??. Absolutely crucial to tackle this. #AntiCorruptionDay #IACD2022 pic.twitter.com/ouUXrKsYhG
— MatthewLawsonUK (@MatthewLawsonUK) December 9, 2022
Повиците, но и конкретни чекори за справување со корупцијата во земјава првин почнаа да пристигнуваат од новата амбасадорка на Соединетите Американски Држави (САД) во С Македонија, Анџела Агелер.
Американската амбасадорка досега во повеќе наврати отворено истакна дека корупцијата продолжува да го кочи напредокот на државава и дека нејзиното намалување е важно затоа што оваа негативна појава во која било форма ја оневозможува земјата да напредува во економска, социјална, образовна и структурна смисла.
„Иако чекорите по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија преку забавување на економскиот раст и поттикнување на најталентираните млади луѓе од земјата да бараат можности во странство“,
изјави неодамна Агелер во своето обраќање по повод одбележувањето на јубилејната 30-годишнина од партнерството на УСАИД – Американска агенција за меѓународен развој со С Македонија.
Во контекст на борбата против корупцијата, најострата критика за изборот на Ислам Абази за шеф на најважното и најмоќно обвинителство во земјава дојде токму од Амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.
Таа изрази отворено незадоволство од начинот на кој Ислам Абази стана шеф на обвинителството што треба да ја предводи борбата против корупцијата.
Во писмениот одговор на прашања на „360 степени“, беше јасно посочено дека амбасадорката и Амбасадата очекувале повеќе и поради милионите долари потрошени во обуки на обвинителите кои, патем, самите гласаа за шеф на ОЈО за ГОКК. Се додава и дека граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор и дека политичкото мешање нема место во овие постапки.
Агелер на 6 декември на Твитер соопшти дека американски тим пристигна во Скопје за поагресивно да истражува корупција кај поранешни, но и кај актуелни функционери.
Пристигнувањето тимот за санкции на САД го разбранува политичкиот амбиент во земјава и отвори многу прашања за нивниот ангажман.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи во коментар за тоа за што станува збор со доаѓањето на тимот за санкции од Вашингтон, вели дека ние сме барале соработката со САД да ја издигнеме на повисоко ниво.
Според неговата изјава, тоа било побарано кога имало стравувања дека ќе останеме без мониторинг од ЕУ ако не ги отвориме пристапните преговори. Сега, вели, од една страна стратешкиот дијалог со САД и неговите механизми и од друга страна преговорите со Унијата се двете страни на ножиците кои треба да ја искоренат корупцијата.
Коментирајќи го доаѓањето на американскиот тим за истражување на корупцијата кај поранешни, но и актуелни функционери во земјава, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека МВР апсолутно стои на располагање во секој поглед за да ги поддржи сите овие активности.
Изјавите на Агелер на политичката мапа повторно ја вратија и темата за ветинг на јавните функционира, кои главно доаѓаат од владејачката ДУИ.
„Изјавата на американската амбасадорка е принципиелна. Борбата против криминалот и корупцијата мора да биде бескомпромисна. Изборот на законодавните тела треба да бидат независни органи и сето ова време промовиравме дека извршната власт треба да биде независна и ние веќе неколку години инсистираме да се направи ветинг, во сите државни институции“,
рече лидерот на ДУИ Али Ахмети по 11-часовна средба во партиското седиште во Мала Речица одржана на 19 ноември, по критиките на Агелер за изборот на Абази за шеф на ОЈО ГОКК.
Критики за состојбата со корупцијата во земјава, но соопштени со подипломатски речник, дојдоа и од германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн.
Колку брзо Северна Македонија ќе напредува на својот пат кон Европската Унија зависи од тоа колку брзо ќе се спроведат реформите, а се разбира една од главните е сузбивањето на корупцијата, изјави Холштајн на 5 декември.