Тие посочуваат дека им било дадено ветување за целосно покривање на закупените места, но ниту тоа ветување не е исполнето
Закупците на тезги на Каванташки пазар во Скопје, утре,од 6 до 9 часот, ќе протестираат пред влезот на пазарот поради, како што велат незаконското и своеволно однесување на раководството.
Тие во соопштение до медиумите наведуваат дека на самиот пазар не постојат основни елементарни услови за работа, како за закупците, така и за индивидуалните земјоделци – производители и купувачите.
„Не постои соодветна канализациона мрежа па така и при помал пороен дожд доаѓа до поплавување на улиците како и на нашите магацини и во тие услови не можеме да ја вршиме основната дејност, односно да ја продаваме робата. Иако сопственикот и раководството на Кванташкиот пазар ветуваа многу и подобри услови за работа за сите заинтересирани, на жалост ништо од тоа не е исполнето. Не постојат доволен број на санитарни чворови, односно постои само еден, а и тој е далеку од основни стандарди за лична хигиена, не постои и поделба на машко и женско ве-це“,
велат закупците и додаваат дека водата за пиење која била од водоводната мрежа на град Скопје, е прекината и место неа е ископан бунар.
Тие посочуваат дека им било дадено ветување за целосно покривање на закупените места, но ниту тоа ветување не е исполнето.
„Во однос на цената за закуп сметаме дека е превисока како за нас закупците така и за резервирање на местата за индивидуалните землоделци и истата изнесува 500 денари за метар квадратен. Освен тоа, при секое влегување на пазарот треба да платиме дополнитени средства, а доколку возилото кое е пријавено од наша страна за сопствени потреби е во дефект и дојдеме со друго возило, треба да ја платиме полната сума за влез која изнесува 300 денари за автомобил па до 1 500 денари за комбе. На овој начин дополнително се оптеретуваат финансиски и индивидуалните земјоделци кој ја носат својата роба на пазарот а секако и купувачите. И во овие услови – неуслови, раководството на Кванташкиот пазар планира дополнително наплаќање со поставување на апарати на влезот и излезот од пазарот за поминат час на истиот, што е премногу“,
велат закупците.
Тие апелираат до сопственикот и раководството на Кванташкиот пазар да дојдат да разговараат за наталожените проблеми и истите да ги решат во интерес на сите заинтересирани страни.