Во инцидентот нема повредени лица, а како што информира директорот на косовската полиција за северниот регион станува збор за шок бомби кои немаат деструктивно дејство, но имаат исклучително силен звучен ефект
Две експлозивни направи во среда – 7 декември се фрлени во Северна Митровица, општина со мнозинско српско население на северот на Косово, потврдил директорот на полицијата за овој регион, Бесим Хоти за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.

Во овој инцидент нема повредени лица, а како што информирал Хоти станува збор за шок бомби.
„Имаше две експлозии. Немаше штети или повредени. Едната е фрлена на раскрсницата во Бошњачко маало, а другата во населбата Брѓани. Во близина има станбени куќи, но нема повредени. Тоа се шок бомби кои немаат деструктивно дејство, но имаат исклучително силен звучен ефект“,
рекол Хоти.
Експлозиите се случуваат еден ден откако косовската полиција објави дека маскирани групи и поединци употребиле „опасни средства, вклучително и рачни гранати од југословенско производство“ во нападот на канцелариите на општинските изборни комисии во Северна Митровица и Зубин Поток.
Косовската полиција ги придружуваше службениците на Централната изборна комисија, кои се обидоа да влезат во нивните простории за да организираат вонредни избори за градоначалници во четири општини на северот.
Властите во Косово ги обвинуваат „криминалните групи поддржани од Србија“ за инцидентите на северот.
Министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечља изјави дека станува збор за „терористички напади“.
Централната изборна комисија се подготвува за избори во општините на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, откако градоначалниците на Српската листа поднесоа оставки поради одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возилата со српски со регистарски таблички.
Вонредните избори на северот на Косово се закажани за 18 декември.
Американскиот амбасадор во Косово Џефри Ховениер оцени дека во моментов нема услови за одржување вонредни избори на северот.
Исто така, претседателот на Централната изборна комисија Крешник Радониќи изјави дека „изборите не можат да се одржат насилно“.
Претседателството и Владата на Косово најавија дека чекаат проценка на безбедносната состојба од страна на полицијата за да донесат одлука за натамошните чекори.