Петнаесетгодишното дете за кое хрватските медиуми јавија дека е прва жртва на земјотресите во Загреб, е во критична состојба и лекарите се борат да го спасат.
„Детето е во многу, многу критична состојба. Во овој момент се прави компјутерска томографија за да ги утврдиме повредите“, изјави директорот на Болницата за детски болести, Горан Роиќ, за ТВ Н1.
Претходно, многу медиуми, вклучувајќи го и јавниот сервис ХРТ, повикувајќи се на државната агенција ХИНА јавија дека 15-годишно дете е прва жртва на потресите во Загреб. Од ХИНА се повикаа на информации од Заводот за итна медицина во Загреб.
„Добивме повик за уривање на зграда. Екипа на итната помош излезе на терен и најде тешко повредено дете кое веќе не покажуваше знаци на живот“, ја пренесе ХИНА изјавата на Жарко Рашиќ, директор на Завод за итна медицина.