Претходно Холандија соопшти дека на состанокот на Советот на Европската Унија кој ќе се одржи следната недела во Брисел, нема да го поддржи барањето на Бугарија за влез во Шенген зоната
Австрискиот канцелар Карл Нехамер денеска објави дека Австрија се противи на пристапувањето на Романија и Бугарија во Шенген зоната, пренесе БТА.
Нехамер зборуваше за време на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана. Изјавата беше дадена еден ден откако романскиот министер за внатрешни работи Лучијан Боде беше во Виена каде што се сретна со австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер.
„Министерот за внатрешни работи јасно кажа. Нема одобрение од Австрија за проширување со Бугарија и Романија. Потребно е повеќе време. Во Австрија имаме 75 000 нерегистрирани илегални мигранти. Тоа значи дека ја преминале надворешната граница на Европската Унија и завршиле во внатрешна земја како Австрија. Мораме прво да одговориме на овие безбедносни прашања“,
рече Нехамер.
Претходно Холандија соопшти дека на состанокот на Советот на Европската Унија кој ќе се одржи следната недела во Брисел, нема да го поддржи барањето на Бугарија за влез во Шенген зоната.
Холандската администрација претходно донесе одлука да го поддржи пристапувањето на Романија и Хрватска во Шенген, притоа блокирајќи ја Бугарија.
Ваквата одлука на холандската влада, претседателот на Бугарија Румен Радев на својот фејсбук-профил ја коментираше со зборовите: „Наместо европска солидарност, Бугарија добива цинизам.“
Реагираше и в.д. министерот за правда на Бугарија, Крум Зарков, кој му порача на холандскиот премиер Руте да биде внимателен, оти ставот на Холандија не е став на целата ЕУ.