Хари и Меган се повлекоа од кралските должности пред две години и се преселија во Калифорнија. Тие постојано го критикуваа кралското семејство, обвинувајќи го за расизам, што семејството го негираше

Британскиот принц Хари, во новиот трејлер за очекуваната документарна серија на Нетфликс за него и неговата сопруга Меган, изјави дека од британското кралско семејство редовно „протекуваат“ приказни и дека тоа е „валкана игра“
Првите три епизоди од серијата ќе бидат достапни в четврток, објави сервисот за стриминг, додека светот веќе шпекулира што ќе каже парот, војводата и војвотката од Сасекс, за остатокот од кралското семејство.
Хари и Меган се повлекоа од кралските должности пред две години и се преселија во Калифорнија. Тие постојано го критикуваа кралското семејство, обвинувајќи го за расизам, што семејството го негираше.
Принцот во интервјуата сугерираше дека едвај зборува со остатокот од семејството, особено со неговиот татко, кралот Чарлс Трети и со постариот брат Вилијам, кој е наследник на тронот.
„Никој не ја знае вистинската вистина. Ние ја знаеме вистинската вистина“,
вели Хари во трејлерот за серијата.
Бакингемската палата не ја коментираше документарната серија и не одговори веднаш на барањата за коментар.
Во краткиот клип, Хари се осврна на вработените во кралските имоти, кои откриваат информации за печатот, за кои тој зборувал и претходно.
„Во семејството има хиерархија. Знаете дека има протекување, но има и измислување приказни. Тоа е валкана игра“,
рече Хари.
Гласот во трејлерот, кој се чини дека е на Хари, зборува за „болката и страдањето на жените кои стапуваат во брак во оваа институција“ додека наизменично се менуваат фотографиите на покојната мајка на Хари, Дијана, и сопругата на неговиот брат, Кејт.