Според владиното соопштение, со Уредбата не се поништува целиот изборен процес, туку само привремено се прекинува, а ќе продолжи по завршувањето на вонредната состојба
Владата на седницата одржана во саботата (21 март) донела Уредба со законска сила за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите.
Во соопштението пишува дека оваа одлука Владата ја донела „поради вонредната состојба прогласена за ефикасно спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19 и поради тоа што Собранието не се состанува за да ја поништи одлуката за распуштање“.

„Во такви услови, а заради неоходната потреба успешно да се спроведат мерките за справување со коронавирусот во земјата, Владата донесе Уредба за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои се закажани за 12 април 2020 година“,
пишува во соопштението.
Со Уредбата, Владата ја задолжува Државната изборна комисија да ја обезбеди и чува постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите, откако ќе биде прогласен престанок на вонредната состојба.
Уредбата ја задолжува ДИК во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба на својата веб-страница да објави ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.