Претходно бојкотот на самитот го најави и претседателот Вучиќ порачувајќи им на другите „вие доаѓајте убаво, земајте дневници, патувајте како сакате, сите вие од Европа, сите вие од Западен Балкан, оговарајте за тоа како Србија е виновна за нешто“

По српскиот претседател Александар Вучиќ, со остра реакција се јави и српската премиерка Ана Брнабиќ реагирајќи на „благата“ изјава од ЕУ во која не се осудува именувањето на косовскиот Србин Ненад Рашиќ за министер за заедници во владата на косовскиот премиер Албин Курти.
И таа, како и Вучиќ, најави дека Србија нема да учествува на самитот на ЕУ и Западен Балкан закажан за 6 декември во Тирана, Албанија.
„Оваа реакција е срамна за ЕУ. Чекавме да видиме што ќе рече Унијата за именувањето на Рашиќ и дочекавме уште една срамна изјава. Именувањето на Рашиќ не само што е против Бриселскиот договор, туку е против гласот на народот искажан на изборите, што е најважниот глас. Повторно прашувам – откако по 10 години Приштина не го спроведе Бриселскиот договор на кој ЕУ е гарант, откако годинава на Србите на Косово и Метохија им беше ускратено правото на глас, во два наврати, на што ЕУ реагираше со една реченица во Извештајот за напредокот, и откако Приштина со назначувањето на Рашиќ продолжува да ја занемарува јасно изразената волја на српскиот народ на Косово и Метохија, и затоа ја прашувам ЕУ – каде се тие европски вредности, каде е демократијата, каде исчезна владеењето на правото?“,
вели Брнабиќ.
Понатаму, во писмената изјава објавена на сајтот на српската влада, таа вели дека нема потреба Србија повеќе да учествува на самитите за Западен Балкан.
„По ваквата срамна изјава на ЕУ – само уште една во низа, Србија веќе нема никаква потреба да учествува на самити за Западен Балкан. ЕУ или ќе ги почитува вредностите што ги пропагира или Србија веќе нема да има потреба да учествува во оваа фарса. Првпат Србија нема да присуствува на Самит ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 декември во Тирана“,
порача Брнабиќ.
И Вучиќ со ист тон претходно ја нарече срамна изјавата од ЕУ за именувањето на Рашиќ и го најави бојкотот на самитот закажан за следната недела.
„Никој од Србија нема да биде во Тирана на 6 декември, а вие доаѓајте убаво, земајте дневници, патувајте како сакате, сите вие од Европа, сите вие од Западен Балкан, оговарајте за тоа како Србија е виновна за нешто“,
рече Вучиќ.
Во изјавата за Рашиќ, која ги збесна српските власти, портпаролот на ЕУ, Петер Стано, рече дека е од витално значење Приштина да ги почитува сите неопходни чекори при назначувањето министри кои ја претставуваат немнозинската заедница.
Тој во име на ЕУ ги повика двете страни да работат во согласност со обврзувачките договори за дијалог.
„Ги повикуваме двете страни итно да работат на враќање на косовските Срби во сите косовски институции, во согласност со обврзувачките договори за дијалог, а сите заинтересирани страни да се воздржат од каква било акција што би довело до зголемување на тензиите во и онака кревката безбедносна состојба“,
нагласи Стано.
Именувањето на Рашиќ за министер во косовската влада дојде откако оставка поднесе Горан Ракиќ од редовите на Српската листа која победи на изборите и која е поддржана од властите во Белград.
Рашиќ е лидер на опозициската Прогресивна демократска партија од каде доаѓа и Рада Трајковиќ која беше назначена за советничка во премиерскиот кабинет.
Коментирајќи го нивното именување, Вучиќ претходно изрече куп навреди на нивна и на адреса на Курти.
За Трајковиќ рече дека е „српско ѓубре од дното на казанот“, а на Курти му го доделил епитетот „терористичко ѓубре“.
„Изборот на Рашиќ, човек кој доби еден отсто гласови, како и на Рада Трајковиќ која беше на неговата листа, покажува дека тие сакаат прогон, протерување и исчезнување на Србите од Косово и Метохија“,
изјави Вучиќ за Пинк ТВ.
Тој додаде дека од Рашиќ и Трајковиќ „не постојат полоши“ и дека тие немаат доверба кај Србите на Косово туку „доверба од западните агенции и терористичкото ѓубре Курти“.