Ветуваа бесплатен превоз, електрични автобуси, па и фабрика за автобуси, вели лидерот на СДСМ, додавајќи дека единствено што видовме е како претседавачот на Советот во Скопје, Трајко Славески го краде микрафонот од Арсовска и на секоја седница се расправа на најдолен начин. Славески, вели Ковачевски, е тој што одеше и ја промовираше дека ќе била најдобриот градоначалник на Скопје и таков човек не заслужува да води Совет на еден главен град
Не сум имал тајна средба ниту со Данела Арсовска ниту со некој друг. не сум јас тој што ја чекаше со трубачи пред СДСМ туку Мицкоски цело раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Трајко Славески не заслужува да биде претседавач на Советот на Град Скопје.
Ова се дел од пораките што ги испрати премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање дали е точно дека се сретнал со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Премиерот посочи дека со неа се сретнал како претседателка на ЗЕЛС и на состанокот биле и членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС каде разговарале за проблемите на општините во екот на енергетската криза, по којшто состанок Владата одлучила мерните пумпи за водоводите во општините да ги префрли на струја од ЕСМ и потоа по цена од 95 евра за мегават час.
„Прво, јас не сум имал никаков таен состанок со никого, сите мои состаноци се јавни кои ги имаме. ОД ВМРО-ДПМНЕ на Скопје му ветуваа дека ќе биде најмодерниот град кога пред една година победија на локални избори. Јас сум претседател на СДСМ, а тоа време бев член на Извршниот одбор и ние тогаш честитавме победа. Јас и раководството на СДСМ не ја чекавме Данела Арсовска со трубачи пред зградата на СДСМ туку тоа го правеше Христијан Мицкоски и целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ со прес-конференција каде во еуфорична атмосфера беше прославена победата на ВМРО-ДПМНЕ на Градот Скопје“,
рече Ковачевски.
Од тогаш, додаде премиерот, не видовме исполнување на ниту едно ветување. Прво, вели, ветуваа бесплатен автобуски превоз, а потоа, наведе Ковачевски, лично претседателот на ВМРО-ДПМНЕ излезе и кажа дека во Скопје ќе имало електрични автобуси затоа што брзиот автобуски превоз одобрен од Светска банка, не бил добар туку неговите електрични автобуси биле подобри. Тука, лидерот на СДСМ го коментираше и однесувањето на претседавачот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски, велејќи дека не заслужува да биде на таа позиција.
„Згора на тоа, ќе правеше и фабрика за електрични автобуси во Скопје за да не мора да ги увезуваме нонстоп. Им оставивме и проект за брз автобуски превоз, за пречистителна станица во Градот Скопје, за клучката кај Момин поток, проект за Универзална сала, за поврзување на подземната сообраќајница под објектите на ’Лимак‘ и низа други капитални проекти за кои постои во најголем дел и проектна документација и обврски што Градот Скопје треба д аги спроведе. Единствено што видовме е дека претседавачот на Совет на Град Скопје ѝ го украде микрофонот на градоначалничката, го криеше таму кај што го криеше, на секоја седница се расправа на најдолен начин со градоначалничката која тој одеше и ја промовираше дека ќе била најдобар градоначалник на Скопје. Таков човек воопшто не заслужува да биде претседавач на совет на главен град на земја членка на НАТО и ЕУ“,
рече Ковачевски.
Тој повика кадрите од ВМРО-ДПМНЕ да се фатат за работа и да доаѓаат на официјалните состаноци, а не да измислуваат тајни средби. На градоначалниците им порача дека сега ќе имаат повеќе пари благодарение на одлука на Владата.
„Завршија и промоциите по скапи хотели за тоа што го довршија, а што беше останато од градоначалниците на СДСМ. Помина и саемот на градоначалници којшто го правеа, на кој ништо не видовме. Сега гледам ќе имало отворени денови, ќе се правел нов буџет. Полесно ќе им биде да го направат буџетот, затоа што благодарение на министерот за финансии и на мене како заменик-министер предложивме нов закон со нов концепт на финансиска децентрализација каде од оваа година се зголемени дотациите по основ на ДДВ до општините. Сега ќе имаат поголеми финансиски средства од тоа што го имале нивните претходници во минатото. Второ, она што им беше најголем товар, а тоа беше скапата електрична енергија за мерните станици за водоводите, и тоа го презеде државата преку ЕСМ продажба“,
рече лидерот на СДСМ.