Претседателот на најголемиот суд во земјава, Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, пак, немаше коментар и рече дека не се сомнева дека во судот со кој раководи има таква „елита“
Изјавата на Павлина Црвенковска која по поднесувањето на оставка од претседателка на Судскиот совет рече дека постои судко-бизнис елита треба да нè загрижи сите, смета министерот за правда Никола Тупанчески.
Министерот ја повика Црвенковска, доколку тврди дека постои такво нешто, тоа да го пријави во институциите.

„Јас уште кога дојдов како министер првата моја реакција или коментар беше дека ова е година што ќе биде прилично турбулентна во однос на она што ќе се случува во правосудниот сектор. Кога велам турбулентна, мислам на изборот на функции на различни нивоа. Ова практично претставува изборна година во правосудство и можам слободно да кажам импликациите и она што се случува ќе значи дека ќе има консеквенции во наредните четири години, се избира прв човек на ОЈО ГОКК, ја слушнавме и изјавата на претседателката на едно од најмоќните тела во државата кога станува збор за правосудството. Тоа е Црвенковска, таа поднесе оставка, меѓутоа имаше одреден коментар кој не само мене, сите треба да нè загрижи. Коментарот на нејзиниот коментар би бил дека добро ќе биде, ако навистина таа го тврди тоа, добро ќе биде да го пријави во институциите“,
изјави Тупанчески.
Претседателот на најголемиот суд во земјава, Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, пак, немаше коментар.

„Немам коментар, не би можел да се произнесам по ова прашање. Тоа е прашање што може да го упатите до Судскиот совет. Не ми е познато, немам коментар“,
рече Џолев.
На дополнително прашање дали се сомнева дека во кривичен постои таква „елита“, тој одговори:
„Не се сомневам дека има такво нешто во Кривичниот суд, сепак, ви реков дека можеби треба да се обратите до Судскиот совет за појаснување“.
Црвенковска на вчерашната седница на Судскиот совет влезе кратко во салата и објави дека поднесува неотповиклива оставка од претседателската функција. Пред членовите на Советот и присутните новинари не даде образложение, а веднаш потоа испрати писмено соопштение.
Во него наведе дека веднаш по нејзиниот избор на функцијата започнала медиумска хајка со крајна цел да даде оставка затоа што нејзиниот избор за претседател не одговарал на група од „судската-бизнис елита“.
„До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструираа и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството. Стана жално што наместо да се посветиме заеднички на активностите и реформите и да ја унапредиме состојбата во судството, некому стана поважно како да ме нападне и како да им наштети на проектите“,
наведе таа во соопштението.
Оставката на Црвенковска следуваше по седницата на Судскиот совет одржана минатата недела кога се случил бунт од страна на седум члена избрани од редовите на судиите кои спречиле, како што објави порталот СДК.мк, да помине готов список за гласање за клучни места во Академијата за судии и обвинители.
По ова, Црвенковска во изјава за „360 степени“ реагираше дека на седница дошла со листа со имиња на предлози за одредени позиции во Академијата за судии и јавни обвинители, а не со некаков список како што тоа сакале да го прикажат некои членови на Судскиот совет.
На таа седница, со мнозинство гласови, меѓу оние кои беа избрани на клучни функции во Академијата беше номиниран Зоран Герасимовски, кој е еден од „бунтовниците“. Тој е член на Судскиот совет, а неговите колеги од Советот го изгласаа и за член на Управниот одбор на Академијата.
Слична ситуација имаше и во Советот на обвинители претходно кога членовите на ова тело ја номинираа Фиданка Рајевска за УО на Академијата, која инаку е и членка на Советот.
На прашање за последниот пример со членот на Судскиот совет кој сега ќе биде и член на УО на Академијата, министерот Тупанчески денеска рече дека има различно толкување на нормите.
„Има два правни акти кои конектираат кон ова решение. Едниот е членот 99 од Уставот и членот 12 од Законот за Судскиот совет. Во едниот зборува дека судиската функција е неограничена, а од друга страна дека како член на УО во Академијата треба да биде избран некој од судиите односно обвинителите што се избрани. Во таа насока има различно толкување за тоа што е исправно, дали навистина може да биде член на УО“,
рече Тупанчески.
Според него, правните одредби треба да се допрецизираат и во нив експлицитно да се наведе дали постои конфликт на интереси.