„Политиката на зелената партија ДОМ не треба да се врзува само со еколошките теми и климата, туку и со почитувањето на човековите права, социјалните права, недискриминацијата, како и со политиките за развој на зелената економија“, изјави Морачанин откако беше реизбрана за претседателка на ДОМ
На денешниот Петти конгрес на Демократска обнова на Македонија (ДОМ) за претседател на партијата повторно и едногласно е избрана досегашната лидерка Маја Морачанин.
Заблагодарувајќи се на довербата, Морачанин нагласи дека ДОМ и во иднина ќе биде активен и конструктивен фактор во политичкиот пристап за решавање на сите општествени проблеми и прашања.
„Политиката на зелената партија ДОМ не треба да се врзува само со еколошките теми и климата, туку и со почитувањето на човековите права, социјалните права, недискриминацијата, како и со политиките за развој на зелената економија“,
истакнала Морачанин.
Како што информираат од партијата, делегатите на конгресот едногласно го избрале и новиот состав на централниот и надзорниот одбор на партијата, а биле усвоени и извештајот за работата на ДОМ во периодот од 2018 до 2022 година, како и предлог-програмата за работата на ДОМ до 2026 година.
„Пред делегатите и многубројните гости од другите партии, пратеници и претставници од Владата, на почетокот на Петтиот конгрес на ДОМ, се презентираа и поздравни говори на претставници на европските зелени од повеќе земји-членки на ЕУ, како и на зелени партии од земјите во регионот. Тие јасно ја изразија поддршката за продолжување на Северна Македонија на патот кон Европската Унија и поддршката на придонесот на зелената партија ДОМ што го дава во таа насока“,
информираат од ДОМ.