Претходно вчера од СВР Скопје информираа оти возилото со турски регистрации што пропадна на плоштадот „Македонија“ имало дозвола за влез на плоштадот, издадена од Град Скопје, за снимање емисија пред Камениот мост. Од Град Скопје, пак, ги демантираа овие информации и посочија оти возилото немало дозвола за движење на плоштадот
Продуцентскиот тим на турската серија „Балканска приказна“ и локалниот партнер „Сити стар продукција“, која изминатите седум месеци се снима на повеќе локации во Скопје, ги демантира информациите пласирани во јавноста оти возилото што вчера пропадна на плоштадот „Македонија“ е во сопственост на турската продукција.
„Тимот на серијата заедно со актерите од Турција работи и живее во Скопје во изминатите седум месеци грижејќи се за градот, урбаната опрема и одржување на зеленилото и чистотата на локациите каде што досега сме работеле, пред се затоа што Скопје е наш втор дом и наша должност е да возвратиме со грижа и почит. На овој начин и ќе продолжиме да работиме во текот на идните снимања. Изразуваме искрена благодарност до Скопје и скопјани за искажаното разбирање и поддршка што ја добиваме уште од првиот ден кога ги започнавме подготовките за снимање на серијата“,
се наведува во соопштението.
Турската ТВ-серија „Балканска приказна“ е во продукција на Јалчин Ари и Угур Узунок, а во режија на Сердар Акар, Селахатин Санџакли и Еврим Јонеј. Линиски продуцент е Богдан Јончевски и локален партнер „Сити стар продукција“.
Претходно вчера од СВР Скопје информираа оти возилото со турски регистрации што пропадна на плоштадот „Македонија“ имало дозвола за влез на плоштадот, издадена од Град Скопје, за снимање емисија пред Камениот мост.
Од Град Скопје, пак, ги демантираа овие информации и посочија оти возилото немало дозвола за движење на плоштадот.
„Возило на приватната компанија, чиј камион неовластено влегол на плоштадот ‘Македонија’, по што причинил материјална штета, нема дозвола за движење на плоштадот, иако има поднесено такво барање. Возачот, странец, државјанин на Турција е приведен и изведен пред суд. За овој настан МВР ќе поднесе и соодветен поднесок“,
се вели во соопштението на Градот.