Еден од работниците кои го преживеале нападот вели дека напаѓачот излегол од канцеларијата и наеднаш почнал да пука
Во масовното пукање што се случи синоќа во „Волмарт“ во Вирџинија, најмалку десет лица загинаа, додека неколку други беа ранети.
Загинал осомничениот напаѓач кој бил на позицијата менаџер во маркетот, но сè уште не се знае дали се самоубил или бил неутрализиран од полицијата.
Еден од работниците кои го преживеале нападот вели дека напаѓачот излегол од канцеларијата и наеднаш почнал да пука. Тој, исто така, тврди дека меѓу загинатите има и девојка и чистачка, но полицијата се уште не го соопштува идентитетот на загинатите.
„Едно лице го молеше напаѓачот да застане, а тој ѝ рече грубо да се тргне од патот. Напаѓачот е еден од нашите менаџери. Бев во просторијата за одмор кога ги слушнав истрелите“,
вели еден од работниците.
Тој легнал на подот и се преправал дека е мртов за да го преживее нападот.
Друга жена што била во продавницата за време на нападот вели дека овој инцидент ќе и остави траума до крајот на животот.
„Видов како девојката е застрелана во главата“,
им рече таа на насобраните новинари.
Од полицијата на брифинг соопштија дека сè уште не ја знаат точната бројка на загинати и повредени, пренесува Мирор.
Портпаролот на полицијата соопшти дека по повикот на лице место излегле и спасувачките и тактичките екипи.
Инспекторите сметаат дека пукањето престанало во моментот кога полицијата пристигнала пред маркетот.
Додаваат и дека полицијата не пукала во напаѓачот, но се уште не е сигурно дали тој се самоубил или бил застрелан од некој друг.
„Со помош на пожарникарите и тактичкиот тим успеавме да спасиме повеќе животи“,
рече портпаролот на брифинг со новинарите.