Во последниот месец се оценува квалитетот на работењето на приватните превозници согласно индикаторите за квалитет на работењето (редовност, хигиена, валидација на билети) поради сè почестите поплаки на граѓаните за квалитетот на превозот од страна на приватните превозници, велат од Град Скопје
Град Скопје апелира до скопјани да не веруваат на лажните вести и манипулациите кои во јавноста ги пласираат разни политички групации, се наведува во соопштението од Град Скопје испратено утринава. Реакција на градските власти доаѓа по денешното повлекување од сообраќај на автобусите од приватниот превозник „Слобода превоз“ кои сообраќаат на 10 линии.
„Автобуси на ЈСП Скопје на линиите 9, 12, 22, 23 и 45 сообраќаат редовно и без задоцнување“,
додаваат од Град Скопје.
Оттаму посочуваат дека приватниот превозник „Слобода Превоз“ има обврска да ги почитува договорените обврски од јавен интерес.
„Во последниот месец се оценува квалитетот на работењето на приватните превозници согласно индикаторите за квалитет на работењето (редовност, хигиена, валидација на билети) поради се почестите поплаки на граѓаните за квалитетот на превозот од страна на приватните превозници“,
се наведува во соопштението.
Автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, денеска не сообраќаат поради немање средства за нафта затоа што ЈСП „Скопје“ односно Град Скопје не го исплатил долгот кон компанијата.
Оттаму најавија дека претставници на превозниците од сите линии во 9 часот ќе бидат пред Градското собрание каде што ќе побараат итен прием кај секретарот на Град Скопје кому ќе му ги пренесат проблемите со кои се соочуваат, а кои се поврзани со големиот долг на ЈСП кон нив. Исто така, ќе побараат одговори на повеќе прашања, меѓу кои и за тоа каде завршуваат прибраните средства во ЈСП од продадени билети, како и за превоз на ученици од кои приватните превозници треба да бидат исплатени.
Во зависност од исходот на таа средба, добиените одговори и предлог решенија, ќе зависи понатамошното вршење на превозот и работење на превозниците.