„Патував од Ново Лисиче до ‘Скопјанка’ еден час. Се симнав кај ‘Скопјанка’ и продолжив пеш на работа до Центар. Колоната не мрдаше никако. Во 7:30 часот тргнав, кај ‘Скопјанка’ бев речиси во 8:40 часот“, вели наш читател
Вистински хаос е утринава на дел од скопските сообраќајници. Читатели на „360 степени“ реагираат дека час и половина патуваат од Аеродром до Центар. Автомобили чекаат во колони, а нервозата кај скопјани е сè поголема.
„Патував од Ново Лисиче до ‘Скопјанка’ еден час. Се симнав кај ‘Скопјанка’ и продолжив пеш на работа до Центар. Колоната не мрдаше никако. Во 7:30 часот тргнав, кај ‘Скопјанка’ бев речиси во 8:40 часот“,
вели наш читател.
Скопјанката Александра вели дека патувала половина час од Ново Лисиче до Железничка станица.
Друг скопјанец ни посочува дека час и половина му требало за да стигне од Аеродром до Бит-пазар.
Автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, денеска не сообраќаат поради немање средства за нафта затоа што ЈСП „Скопје“ односно Град Скопје не го исплатил долгот кон компанијата.
Од „Слобода превоз“ најавија дека претставници на превозниците од сите линии во 9:00 часот ќе бидат пред Градското собрание каде што ќе побараат итен прием кај секретарот на Град Скопје кому ќе му ги пренесат проблемите со кои се соочуваат, а кои се поврзани со големиот долг на ЈСП кон нив. Исто така, ќе побараат одговори на повеќе прашања, меѓу кои и за тоа зошто и каде завршуваат прибраните средства во ЈСП од продадени билети, како и за превоз на ученици од кои приватните превозници треба да бидат исплатени.