Поранешниот воен разузнавач, кој беше дел од сценариото за 27 април и ги извиси и се огради од оние што ги поттикна на насилство, има рок од 24 часа да се извини за овие невистини, во спротивно ќе му биде поднесена тужба за клевета

Ниту нешто кријам ниту нешто ќе скријам. Прес-конференцијата на поранешниот припадник на Армијата Драган Ковачки е група лага и манипулација. Безуспешен обид да го скрие срамот од дебаклот што го доживеа во средата. Имотот, кој бегалецот Ковачки го посочи, никогаш не сум го поседувала. Единствено што поседував е плац кој со уредно склучени договори за купопродажба е отуѓен, односно продаден пред повеќе од 10 години, вака ја почна денешната прес-конференција министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Според неа, поранешниот воен разузнавач, кој беше дел од сценариото за 27 април и ги извиси и се огради од оние што ги поттикна на насилство, има рок од 24 часа да се извини за овие невистини.
„Во спротивно, ќе му биде поднесена тужба за клевета, а парите ќе ги донирам на жртвите од владеењето на неговиот Никола Груевски. Го повикувам да му се извини на семејството кое е легален и чесен сопственик на овој имот и да престане со старите навики за незаконско следење. Жалам што Ковачки бега да зборува за успесите на Армијата, туку одбра да се занимава со конструкции против мене. Ама ова дрско и бескрупулозно однесување од негова страна нема ниту да ме заплаши ниту да ме поколеба да ја зборувам вистината“,
додаде Петровска.
Прашана дали е сега време за вакви пресметки, Петровска рече дека таа својата обврска како министерка за одбрана ја извршува и совесно и одговорно и дека е посветена од првиот ден на она што значат предизвици за Министерството и за Армијата.
„Што се однесува до прашањето дали е сега време или не да дискутираме на вакви теми или да се обвинуваме, апсолутно за мене е секогаш време да ја зборуваме вистината. А зошто поранешниот припадник на Армијата, кој одбра самиот да излезе од Армијата и да и служи на една политичка партија, а не на државата, одбира навистина во вакво време да прави конструкции и лаги против министер за одбрана, па и против Армијата, тоа е прашање кое треба да му го поставите нему. И јас нема да бегам без оглед на небулозите кои беа изнесувани и очекувам и во иднина да бидат изнесувани уште поголеми. Нема да бегам и како и од првиот момент на моето работење ќе останам транспарентна во одговорите. Нема да се кријам зад ниту една политичка партија, нема да се кријам ниту зад соопштение и фејсбук-статуси како што тој тоа го правеше изминатиот период. Зборувам јасно и гласно затоа што ја зборувам вистината“,
изјави Петровска.

Денеска пратеникот и член на Изборниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачки, на прес-конференција изнесе фотографии за кои тврдеше дека се од луксузна хациенда со базен во скопската населба Радишани, а која министерката за одбрана Славјанка Петровска ја крие од јавноста.
„Ова е хациендата на Петровска. Во таа хациенда има голем базен, целиот имот е ограден со голема двометарска ограда, што може да се види од следните слики. Ова е евидентниот лист на Петровска од Катастарот на недвижности. Овој имот на Петровска е евидентиран и во Агенцијата за катастар на недвижности, прибележан во евидентен лист во катастарската општина Радишани. И се наоѓа на улица Радишанска. Жителите од тој дел на улица ‘Радишанска’ според избирачкиот список гласаат во избирачкото место 2948/1 кое се наоѓа во ОУ ‘Ацо Шопов’. Тоа е истото избирачко место каде гласа и Славјанка Петровска по што може да се заклучи дека адресата на луксузната хациенда на Славјанка Петровска е и адреса на живеење која истата ја има во личната карта“,
рече Ковачки.
Тој ги повика надлежните институции да постапат, а Славјанка Петровска наместо на ВМРО-ДПМНЕ, како што вети, оваа луксузна хациенда да ја донира на здруженијата на бранители од 2001 година.
„Очекуваме Петровска да остане на зборот, и овој имот во најкраток можен рок да го подари на здруженијата на бранители, лица кои во 2001 година не ги штедеа животите за ние денес да живееме во слобода. Дополнително ја повикувам Славјанка Петровска веднаш да си поднесе оставка. Функционерите треба да бидат отчетни и чесни. Лажењето дека не поседува имот кој не пријавен во нејзиниот Анкетен лист не е одраз на чесност“,
додаде Ковачки.
