„Одреден производител на млеко пред четири-пет дена имаше цена над 80 денари, а денеска цената е 76 и најверојатно од 1 декември ќе има дополнително намалување. Одредени производители на леб имаат цени над 40 денари, а денеска тие се движат од 36 до 38 денари. И таму очекуваме дополнително намалување. Истото важи и за месните производи“, нагласи министерот за економија
Одредени производи веќе почнаа да се продаваат по намалени цени, особено лебот и млечните производи, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши и изрази очекување оти на почетокот на декември цените на основните прехранбени производи да се намалат од пет до 12-13 отсто. Ако нема толкаво намалување, вели Бектеши, ќе се донесат новите мерки што произлегуваат од Законот за трговија.
„Одреден производител на млеко пред четири-пет дена имаше цена над 80 денари, а денеска цената е 76 и најверојатно од 1 декември ќе има дополнително намалување. Одредени производители на леб имаат цени над 40 денари, а денеска тие се движат од 36-38 денари. И таму очекуваме дополнително намалување. Истото важи и за месните производи“,
рече Бектеши.
Дополнителното намалување на цените на основните продукти, како што нагласи министерот, ќе биде врз основа на тоа што привршуваат сите постапки во ЕСМ продажба за склучување на договорите со компаниите производители на основните прехранбени производи за снабдување со поевтина струја.
„Тоа што им беше најголем товар на компаниите се среди“,
додаде Бектеши.
Бектеши додаде и дека може да се случи и зголемување на цената на суровини кои се увезени, но, како што нагласи, постојат одредени механизми за стабилизација и намалување на цените.
„Ние сме подготвени и тоа да го направиме, но прво сакаме да видиме дека има волја дека кризата не треба да биде на товар на граѓаните, односно потрошувачите, туку сите да ја распределиме“,
истакна министерот.
Министерот, по денешната средба со производителите и со претставниците на најголемите синџири маркети кажа дека тие биле информирани и дека се прават анализи за дополнителни мерки кои би требало да се донесат до крајот на годината, а како што кажа, тие своите предлози можат да ги достават до Министерството. Таму каде што ќе има можност, рече Бектеши, ќе се интервенира од страна на надлежните институции.
На денешната средба со претставниците на производителите и на најголемите синџири маркети, како што информира Бектеши, станало збор за новиот закон за заштита на потрошувачите кој е веќе објавен во Службен весник.