Премиерот Ковачевски во своето обраќање го потенцира значењето на конференцијата и ја оцени заинтересираноста на инвеститорите од Норвешка за капитални инвестиции во обновливи извори на енергија како можноста да се искористат ресурсите за зелена енергија и регионот да се развива како нова енергетска сила
Учесниците на конференцијата за инвестиции во обновливи извори на енергија заклучија дека без регионална соработка и формирање на регионален пазар тешко дека секоја земја сама би можела да се справи со предизвиците, а уште помалку да ги развива своите енергетски капацитети
Северина Македонија, но и целиот регионот го нема луксузот како Норвешка да извезува гас и да располага со толкави фискални капацитети и затоа мора да бидеме поиновативни и поагилни за да ги оствариме нашите цели за енергетска независност, особено преку проекти за обновливи и алтернативни извори на енергија.

Ова денеска го истакна македонскиот премиер на заедничката прес-конференција со своите колеги од Црна Гора, Дритан Абазовиќ, Еди Рама од Албанија, претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија и со домаќините на конференцијата за инвестиции во обновливи извори на енергија, српскиот претседател Александар Вучиќ и заменик-министер за енергетика и специјален пратеник на премиерот на Кралството Норвешка, Андреас Б. Ериксен.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање го потенцираше значењето на конференцијата и ја оцени заинтересираноста на инвеститорите од Норвешка за капитални инвестиции во обновливи извори на енергија како можноста да се искористат ресурсите за зелена енергија и регионот да се развива како нова енергетска сила.
Како предуслов за ваквиот развој, Ковачевски ги наведе соработката и добрососедските односи. Тој нагласи дека ова е можност да ја искористиме глобалната енергетска криза да ги претвориме нашите држави во центар на зелена енергија што ќе го снабдува со струја не само регионот туку и пошироко.
„Овој регион беше предмет на поделби и несогласувања меѓутоа во изминатите две години стана регион на соработка и на добрососедски односи и јас повторувам дека единствен начин да се преброди секоја криза и да се изврши енергетска независност и диверзификација е можно единствено низ регионална соработка. Поединечно, ниту една држава не може сама да го направи“,
истакна Ковачевски.
Како држава, македонскиот премиер рече дека преземаме конкретни мерки во актуелниот момент, но се прават планови и за среден и долг рок заради обезбедување на енергетска независност на С Македонија, но и на целиот регион.

„Овој денешен состанок со бизнис-заедницата од Норвешка го користам да ги повикам да инвестираат во С Македонија и во сите земји од Западен Балкан. Владата како никогаш досега вложува во енергетика и во проекти кои на среден и долг рок ќе носат бенефит за сите. Посветени сме на енергетска транзиција на земјата, за енергетска независност, но и за заштита на животната средина бидејќи знаеме дека тоа е иднината. Во мандатот на мојата влада имаме инсталирано 27 мегавати фотонапонски централи во државата, што е повеќе за 11 мегавати од она што беше направено вкупно за 11 години во мандатот на претходната влада. Стабилен енергетски систем е пресуден за да имаме сигурност во снабдувањето со струја и инвестиции. Без стабилен енергетски сектор нема развој во другите индустрии“,
рече Ковачевски.
Тој посочи дека земјава веќе ја има донесено новата стратегија за развој на енергетиката до 2040 година која е во целост базирана на европскиот зелен договор, која веќе се имплементира во земјава.
Од планираните проекти, Ковачевски посочи дека во моментов во фаза на преговарање се неколку договори за стратегиски инвестиции за инсталиран капацитет до еден гигават електрична енергија во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи како и комбинирана гасна централа со реномирани странски инвеститори од Франција, Германија и Грција
„Енергетската транзиција ја започнавме со фотонапонска електрана од 10 мегавати која се изгради на поранешно наоѓалиште на јаглен во еден од нашите термоелектрични капацитети, а објавен е повик за уште една електрана на истата локација. Почнуваат подготовките за 100-мегаватна електрана на два странски инвеститори врз основа на јавно приватно партнерство. Неодамна започна со работа најголемата фотонапонска централа од 17 мегавати изградена од компанија од Словенија. Во наредните две години треба да се пуштат во употреба сите 130 мегавати фотонапонски електрани“,
истакна премиерот.
Како посебно значаен тој го посочи „историскиот проект“ за реверзибилна хидроелектрана „Чебрен“ за кој, како што рече, по 13 неуспешни тендери по првпат има понудувач и доколку се биде како што треба ќе „имаме инвеститор за овој огромен проект кој ќе биде од значење не само за С Македонија туку и за целиот регион.
Во однос на претстојната зима Ковачевски посочи дека пред нас е тежок период, но додаде оти е убеден дека со „солидарноста, почитта и другарството меѓу нас тука присутни ќе ја пребродиме оваа криза“.
Премиерот Колачевски рече не се прекинати разговорите со Белград за искористување на вишоците што ги има Србија со природен гас, односно овие вишоци по пониска цена да бидат испорачани во конгенеративната термо електрана ТЕ-ТО во Скопје, а добиената електрична енергија да биде поделена меѓу Србија и С Македонија .
„Ние не прекинавме да разговараме и во моментов сме многу поблиску до решение“,
рече Ковачевски.
Одговарајќи на новинарско прашање, колку од енергетските проекти во земјава се завршени, а колку се во тек или во план, премиерот, покрај веќе споменатите, ја спомена изградбата на нов интеконектор преку Грција кој би одел до Неготино и на кој кога ќе биде завршен би можела да се поврзе Србија и било која друга држава од соседството.
„Со Бугарија знаете дека разговараме за уште еден интеконектор на релација Петрич-Струмица… Од аспект на финансирање, ни ние не сме држави со фискален капацитет како Норвешка. Таа извезува гас, ние го немаме тој луксуз и мора да бидеме поиновативни и поагилни“,
порача Ковачевски.
Регионалната соработка е услов за енергетски развој и зелена транзиција
Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференцијата истакна дека работат со Норвежаните и добиваат препораки за она што може да го направат како земја во врска со краткорочните, среднорочните и долгорочните приоритети. Тој посочи дека како земја треба да вложат големи средства во енергетскиот сектор

„Настрана проблемите со кои се соочуваме, нашиот заклучок е да воспоставиме регионален пазар и на тој пазар да се обидеме, да си помогнеме едни со други затоа што некои од нас имаат вишоци во летниот период, некои во зимскиот, некои имаат поголеми можности, поголеми капацитети за снабдување со гас, некои допрва треба да ги изградат своите гасоводи, но во секој случај може да си помогнеме и само доколку соработуваме може да ја обезбедиме нашата иднина“,
рече Вучиќ.
Зоран Тегелтија, претседавачот со претседателството на БИХ, рече дека во Босна и Херцеговина околу 60 отсто од електричната енергија се произведува од термоелектраните и, имајќи ги предвид идеите, „сега знаеме дека зелената агенда на ЕУ е усвоена и дека ќе мора да менуваме некои позиции и цели во таа насока“.
„Свесни сме дека треба да ги решаваме овие проблеми и дека ни е потреба регионална соработка со земјите за да ги решиме“,
рече Тегелтија.
Албанскиот премиер Еди Рама ја истакна потребата од регионален пазар, а во поглед на енергетиката, како што додаде, мора да излеземе надвор од нашите граници, во спротивно ќе останеме мали пазари, а она што ни треба, ако се решава на изолиран начин, може да нè чини поскапо.
„Верувам дека со одење на регионално ниво во поглед на енергетскиот пазар, можеме да имаме полесен и подобар пристап до финансии, до фондови и можеме да имаме посилно партнерство со приватниот сектор“,
рече Рама.

Заменик-министерот за енергетика и специјален пратеник на премиерот на Кралството Норвешка, Андреас Б. Ериксен, рече дека оваа конференција е исто толку важна колку што е навремен заеднички предизвик да се обезбедат безбедни извори на енергија за да се обезбеди подобра иднина.

„Мораме да дејствуваме сега за да обезбедиме добра иднина за нашите народи. Овде гледам многу компании од Норвешка во областа на обновливите извори на енергија, кои можат да го пренесат своето знаење и искуство. Зелената енергија може да ја поттикне зелената транзиција во целиот регион“,
рече Ериксен додавајќи дека напорите во оваа насока ќе придонесат околината да биде попријатна за инвеститорите.