Целта на конференцијата е пред инвеститори од Кралството Норвешка да се презентираат можностите за инвестирање во капацитети за производство на струја од обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан
Претпладнево во Белград почна Конференцијата за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан, која е во организација на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Кралството Норвешка.
Меѓу учесниците на конференцијата се и премиерот Димитар Ковачевски, како и премиерите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Дритан Абазовиќ и претседателот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија.

Целта на конференцијата е пред инвеститори од Кралството Норвешка да се презентираат можностите за инвестирање во капацитети за производство на струја од обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан.
Во своето обраќање од конференцијата, премиерот Ковачевски нагласи дека Северна Македонија е фокусирана на обезбедување на енергетска стабилност за што има краткорочен план кој до сега, како што рече, успешно се спроведува со активирање на сите капацитети за домашно производство на струја.
Освен краткорочниот, додаде Ковачевски, имаме и долгорочен план со кој се стремиме кон декарбонизација и насочување кон она што го имаме во изобилство, производство на струја од ветер, сонце и вода.
„Република Северна Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан која усвои Стратегија за развој на енергетскиот сектор во 2019 година, заснована на столбовите на Зелениот договор на ЕУ. Ние сме првата земја која спроведува проект за замена на стара термоцентрала на јаглен во Осломеј, Кичево, на место каде што веќе градиме 120 мегават соларна централа на местото на поранешниот рудник за лигнит. Ова е конкретен чекор кон енергетската транзиција на Северна Македонија и покажува силна волја за декарбонизација на нашиот енергетски сектор, а со тоа и декарбонизација на нашата економија“,
рече премиерот.
Конференцијата ја отворија српскиот претседател Александар Вучиќ и заменик министер за енергетика и специјален пратеник на премиерот на Кралството Норвешка, Андреас Б. Ериксен.



