Министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција предмалку соопшти дека сомнителни или заразени пациенти со коронавирус ќе се сместуваат и во градската болница „8-ми септември“ во Скопје.
„Денеска направивме план и за ставање во функција и на третман на пациентите со коронавирус во 8-ми септември со оглед на тоа што се изнудува потреба за друг тип на лекарска интервенција на пациенти кои се сомнителни или имаат веќе потврдено коронавирус и со цел да се зачуваат останатите капацитети. Направивме посета со посебна комисија, директори на повеќе клиники. Заедно се утврди и патот на движење на пациентите, делови за изолација во делот на тријажата, приемни амбуланти, една посебна операциона сала, еден посебен кабинет за ехо и еден целосно посебен оддел кој во моментов има 22 кревети и две респираторни машини. Со оваа работа ги обезбедуваме сите пациенти кога ќе бидат дијагностицирани или ќе бидат сомнителни, а им е потребна друга форма на хируршка или друга интервенција, да бидат препратени во „8-ми септември“ за да не шетаат по други здравствени институции“,
рече Филипче.
Кадарот таму, посочи тој, поминал едукација како да се пристапи и како да се земе материјал.
Ако станува збор за пациент за кој има само сомнение, ќе се чека резултатот од тестот за коронавирусот и потоа ќе се реши дали ќе се лекува.