Прогнозата за раст за цела 2023 година е намалена на 0,3 отсто од 1,4 отсто што се очекуваше во претходната прогноза од јули. Инфлацијата, пак, ќе го достигне врвот подоцна од очекуваното кон крајот на годината, со што просечната стапка ќе достигне 8,5 отсто во 2022 година и 6,1 отсто во 2023 година во еврозоната
Европската Унија (ЕУ) ја намали прогнозата за економскиот раст за следната година, велејќи дека 19-те земји кои ја користат валутата на еврото ќе паднат во рецесија во текот на зимата бидејќи инфлацијата трае подолго од очекуваното. Прогнозата за раст за цела 2023 година е намалена на 0,3 отсто од 1,4 отсто што се очекуваше во претходната прогноза од јули.
Редовниот есенски извештај на Европската комисија (ЕК) за состојбата на економиите во членките на ЕУ предвидува инфлацијата, која веќе достигна рекордни нивоа во ЕУ, да расте и во текот на наредните месеци, по што би требало да почне да се намалува.
Инфлацијата ќе го достигне врвот подоцна од очекуваното кон крајот на годината, со што просечната стапка ќе достигне 8,5 отсто во 2022 година и 6,1 отсто во 2023 година во еврозоната.
„Економијата на ЕУ е на пресвртница. По изненадувачки силната прва половина од годината, економијата на ЕУ го загуби моментумот во третиот квартал, а неодамнешните податоци од истражувањето укажуваат на контракција во текот на зимата“,
рече Паоло Џентилони, европски комесар за економија.
Најлоши резултати следната година веројатно ќе има Германија, најголемата европска економија и една од најзависните од рускиот природен гас пред војната во Украина. Производството во Германија се очекува да се намали за 0,6 отсто во текот на следната година.
Европската комисија посочи дека пазарот на трудот веројатно ќе се одржи релативно добро и покрај падот на производството во текот на зимата, предвидувајќи зголемување на стапката на невработеност од 6,8 отсто оваа година на 7,2 отсто следната година и пад на 7 отсто во 2024 година.