Оттаму нагласуваат дека е „недозволиво по објавувањето на неправилностите се да се сведе само на оставки од двајца медицински и еден организациски директор“
Откако беа обелоденети високите примања на веќе поранешната директорка на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова, Фондот за здравствено осигурување изврши контрола на работењето на клиниките во рамки на кампусот клиники „Мајка Тереза“. По контролите оставки поднесоа двајца медицински директори и еден организациски и тука сопре работата, реагираат од Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
„Она што е клучно во една ваква ситуација кога се доаѓа до информации за нерегуларно, незаконско работење надлежната институција во случајов ФЗО треба да ги објави извештаите за работа. Ова е клучно за да се види која институција и во кои делови е склона на криминално работење. Транспарентност во работењето се покажува само ако јавноста има пристап до информациите. Во случајов никој нема пристап до извештаите од контролата врз клиники во рамки на кампусот Мајка Тереза. Оттука се доведува прашањето и дали воопшто ФЗО спровел контроли“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму нагласуваат дека е „недозволиво по објавувањето на неправилностите се да се сведе само на оставки од двајца медицински и еден организациски директор“.
Министерот за здравство Беким Сали вчера им се заблагодари на ексдиректорката на Клиника за детски болести, проф. д-р Аспазија Софијанова и на поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, д-р Никола Васев што имале разбирање за барањето од министерот да си поднесат оставки. Нивното повлекување од функциите, додаде Сали, е показател за свесноста на еден менаџер да ја прифати направената грешка.
тој нагласи дека контролите од страна на Фондот за здравство продолжуваат и понатаму и порача дека ниту една јавна здравствена установа нема да биде исклучена од оваа фаза на контролирање.
„Во прва фаза сме на контрола на финансиска неправилност при распределба на плати на директори, на менаџерите само затоа што кога би навлегле во целокупното работење на институциите тоа би траело подолг период. Во прва фаза се само менаџерите според Колективниот договор, дали се почитувал, дали има злоупотреба во делот на правото на дежурство имајќи во предвид дека дежурството на директори е дадено како можност, а не како обврска за оние директори каде нема доволно кадар за пружање услуга во континуитет. Опслужувањето 24/7 бара број на кадар што е спремен за пружање квалитетна услуга кон пациентот“,
појасни Сали.
Увидот во клиниките од страна на Фондот за здравство следуваше откако ТВ Клан објави дека директорката на Детска клиника, Аспазија Софијанова земала над 3 000 евра месечно од Клиниката.
Според новинарот на ТВ Клан, Фуркан Салуи, кој објави и документ на својот фејсбук-профил, а за кој тврди дека е доказ за месечните примања на Софијанова, голем дел од сумата бил надомест за дежурства за време на кои директорката на Детската клиника наводно не била на работа. Според информациите што ги изнесе новинарот, д-р Софијанова земала повеќе пари за дежурствата отколку што ѝ е основната плата.
Ваквите информации Софијанова ги демантираше.
По оставките на Софијанова и Васев, на нивните позиции беа назначени нови кадри.