Портпаролот на Владата Душко Арсовски вели дека М-НАВ е институција која има сопствени тела за менаџирање, програма за работа, начин на одлучување и буџет. Исто така, посочуваат дека М-НАВ е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Евроконтрол и на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на којшто е членка
Целосно да се спроведе конкурсот за контролори на летање во М-НАВ – давателот на услуги на воздухопловна навигација, порача денеска претседателот на Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ), Александар Тасевски.
Станува збор за конкурс за обука на кандидати за контролори за летање во М-НАВ, на којшто во селекцијата биле избрани осум од 250 апликанти. За изборот на кандидати беше задолжена „Гејт авиејшн тренинг“ – лиценцирана фирма од Данска, меѓутоа иако селекцијата заврши обуката не е почната. Како што вчера објави порталот „Сакам да кажам“, тројцата членови на управниот одбор на М-НАВ, на чело со претседателот Фахрудин Хамиди, сакаат да го пропаднат огласот бидејќи меѓу осумте кандидати што го положиле испитот и биле селектирани за обуката од страна на данската фирма, не се децата на членовите на УО и на функционери од ДУИ кои конкурирале.
Денеска, претседателот на ССКЛ, Тасевски, потврди дека бидејќи сè уште не е почната обуката на најдобрите кандидати, вчера до менаџментот на М-НАВ е доставено писмо со кое раководните лица од пониско ниво – помошници директори, раководители на сектори, главни инструктори, експерти, побарале да бидат разрешени. Станува збор за лица кои се вклучиле во процесот на избор, за да бидат набљудувачи со цел да се изберат квалитетни кандидати.
Тасевски вели дека веќе имале разговори со раководството на М-НАВ од кое побарале да почне обуката на избраните кандидати и укажале на последиците доколку таа не биде спроведена.
„Во целиот избор се вклучивме како набљудувачи за да бидат избрани навистина квалитетни кандидати, како што беа од претходната класа. Изборот се одвиваше со примена на алатка (FEAST), со која се прави правилна селекција. Но, се сомневаме дека не се избрани кандидати блиски на менаџментот и на високи политички функционери и сега компанијата се обидува да го поништи целиот процес, да постави нови критериуми за избор за тие да влезат. Со тоа ќе пропаднат парите дадени за целиот процес, кој се одвиваше во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), а можно е да треба да плаќаме пенали“,
вели Тасевски за МИА.
Тој најавува дека доколку не заврши успешно процесот на подготовка за работа на нови контролори ќе побараат разрешување на директорите од нивните функции.
Од Владата, пак, на прашање за коментар на случувањата во М-НАВ по објавите за оставки и за оспорување на конкурсот за контролори на летање и дали ќе преземат нешто со оглед на сензитивноста на областа во поглед на безбедноста на авиосообраќајот, портпаролот Душко Арсовски вели дека М-НАВ е институција која има сопствени тела за менаџирање, програма за работа, начин на одлучување и буџет.
„Во однос на вашите прашања според информациите кои ги има Владата, постапката за избор на обука на кандидати за контролори на летање е сè уште во тек. Согласно со меѓународните стандарди, М-НАВ е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Евроконтрол и на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на којшто е членка“,
вели Арсовски.