Теренското истражување на локалитетот Пеленица го спроведуваа компанијата „Деконс Ема“ од Скопје, заедно со подизведувачот „Таув“ од Холандија, а процесот го контролира Државниот инспекторат за животна средина
„360 степени“ пред четири години објави документ од „Охис“, магистерски труд и еколошки план на Општина Кисела Вода – три индикации што укажуваа дека депонија со линдан има и надвор од кругот на фабриката




Министерството за животна средина спроведува детално истражување на локалитетот Пеленица, над скопската населба Драчево, по добиените сознанија дека таму во минатото е депониран отпад од производството на линдан во ОХИС.
На одредена длабочина, се земаат примероци од почва и подземни води со цел да се утврди степенот и обемот на контаминација на локацијата со отпаден линдан.
Теренското истражување го спроведуваа компанијата „Деконс Ема“ од Скопје, заедно со подизведувачот „Таув“ од Холандија.
Од ресорното министерство велат дека примероците ќе се анализираат во лабораторија и до крајот на годинава се очекуваат финалните резултати со проценети количини на отпад и контаминирана почва. Дури потоа ќе се разгледуваат и опции за евентуално чистење на теренот и ремедијација.
Државниот инспекторат за животна средина го контролира целиот процес.
Пеленица е единствената локација надвор од ОХИС за која постојат документи дека се депонирани остатоци од некогашното производството на линдан во хемискиот гигант.
„360 степени“ пред четири години објави документ од „Охис“, магистерски труд и еколошки план на Општина Кисела Вода – три индикации што укажуваа дека депонија со линдан има и надвор од кругот на фабриката.
Истата година Министерството за образование ги забрани училишните екскурзии на локалитетот, а Министерството за животна средина ја огради и означи потенцијалната депонија. Сега таблата ја нема, а дел од оградата е уништена.
*поврзана вест: (ВИДЕО) Како се чисти линданот од ОХИС