Не само како принцип на солидарност, туку и во суштинска смисла ние ѝ ја должиме на Украина сета поддршка и во справувањето со агресијата и во обнова на земјата“, нагласил Османи
Изнаоѓањето начини за помош и поддршка на Украина и преземање на регионални мерки за зголемување на поврзаноста и стабилизирање на процесите за нејзина достава е една од главните теми на која бил ставен фокус на состанокот на министри за надворешни работи на Централно Европската иницијатива (ЦЕИ), на која денеска учестуваше шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, кој е во официјална посета на Софија.
Домаќин на состанокот на ЦЕИ е министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, во рамките на бугарското претседавање со иницијативата.
„Во фокус на дискусиите беше изнаоѓањето начини за помош и поддршка на Украина, преземање на регионални мерки за зголемување на поврзаноста и стабилизирање на процесите за достава на потребна помош, продолжување на Европската интеграција на земјите и проширување на соработката помеѓу земјите членки на ЦЕИ и останатите глобални актери“,
се наведува во соопштението од МНР.
Османи, во своето обраќање пред присутните министри и гости, посочил дека во моментов најпотребно е да се дефинираат дополнителни конкретни мерки преку кои земјите членки на ЦЕИ и организацијата можат да и помогнат на Украина.
„Северна Македонија во рамки на своите можности помогна со хуманитарна помош но и значителна техничка опрема. Треба да имаме предвид дека борејќи се за сопствената слобода, Украинците денес го поднесуваат најтешкиот терет во одбрана на меѓународниог поредок и демократските принципи. Не само како принцип на солидарност, туку и во суштинска смисла ние ѝ ја должиме на Украина сета поддршка и во справувањето со агресијата и во обнова на земјата“,
нагласил Османи, аргументирајќи дека инструментите за регионална соработка се покажаа како солидна алатка за ублажување на тие ефекти.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи од денеска е во дводенвна официјална посета на Софија, каде, како што соопшти МНР, е планирано да се сретне со неговиот бугарски колега, Николај Милков, премиерот Галаб Донев, како и со лидерите на главните партии во новото Народно собрание на Бугарија.
„На средбите се очекува да бидат отворени темите за актуелностите поврзани со билатералните односи меѓу двете земји, исполнувањето на преземените обврски со Протоколот и Договорот за пријателство, актуелните геополитички предизвици и сојузништвото во НАТО, како и можностите за продлабочување на економската соработка“,
велат од МНР.